Соопштенија

Денеска, 4 ноември 2019 година, во Амфитеатарот на МНР, одржа предавање г-ѓата Елен Конве-Муре (Hélčne Conway-Mouret), Заменик Претседател на Сенатот и член на Комисијата за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во Францускиот Сенат.

 

IMG 20191104 164412 344

Домаќин на средбата беше заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, кој ја поздрави посетата на високиот гостин од Франција, нагласувајќи дека се реализира во многу чувствителен момент за нашата земја. Подвлече дека посетата ја третираме и како придонес во јакнењето на билатералната соработка и во градењето на довербата меѓу двете земји.

Тема на предавањето беше „Француската политика во областа на одбраната: Европа и НАТО“, а г-ѓата Елен Конве–Муре, надлежна да ги следи прашањата поврзани со одбраната и надворешната политика во Регионов, изнесе неколку констатации и гледишта, во обид да ја појасни позицијата на Француската Република, особено во однос на недонесената одлука за отпочнување на пристапните преговори за членство на нашата земја во ЕУ.

Во обраќањето пред присутните, заменик министерот Жерновски истакна дека оваа Влада, водена од генерацискиот сон да станеме членка на Северно Атлантската Организација, направи болни компромиси. “Водени од желбата за безбедна иднина, сигурно општество во економски подем, за благосостојба на сите наши граѓани, успеавме да ја обезбедиме новата надеж на македонските граѓани. „На овој пат, бевме силни заради идните поколенија и заради конечносто зацврстување на нашата државност и целовитост“, нагласи заменикот министер.

IMG 20191104 164416 268

Во овој контекст, од страна на Жерновски беше изјавено “Нашиот сон за НАТО станува реалност”, при што се надоврза, дека во овие моменти посебен акцент е ставен на постигнувањето на највисоко ниво на институционална подготвеност кога Северна Македонија и официјално ќе биде промовирана како 30-та полноправна земја членка на Алијансата.

Сенаторката Елен Конве–Муре подвлече дека нашата историја и културното наследство се стари, но, сепак, државата е една од најмладите во светот, и оттука, можеби нејзина слабост е што не е доволно позната, а веројатно најмногу поради неправедните клишеа што се присутни во западната јавност кон овој Регион.

Говорејќи за европската одбрана, која не подразбира паралелизам, ниту дистанцираност од НАТО, туку, напротив, комплементарност, истакна дека како неопходна се наметнува потребата од стратешка автономија, со оглед на специфичните безбедносни закани со кои се соочува европскиот континент – терористичките закани, брановите бегалци, сајбер-нападите, а понекогаш и природните катастрофи. Посочените закани, не секогаш, се третираат како закани за Алијансата, а Европа не може да биде само нем набљудувач во играта на големите глобални чинители, без притоа да има своја проактивна улога и ангажман.

Во актуелниот европски дискурс, како што посочи сенаторот Елен Конве-Муре, се присутни или доминираат три основни гледишта: а) Истокот и Северот на Европа загрижени за заканите од Истокот на Европа; б) Југот и Медитеранот – загрижени/засегнати од нестабилноста во Африка и Блискиот Исток, и в) оние Европјани и европски земји кои не се засегнати од било која од наведените закани (на пр. Ирска). Оттука, според неа, е неопходно да се надминат разликите меѓу овие присутни гледишта и да се усогласат единствени позиции за европската одбрана, во рамките на европските институции (во Европската комисија – Висок претставник за одбрана, заеднички воени вежби, Ерасмус воен систем (унифицирани воени школи), за да се создаде заедничка стратешка/одбранбена визија за идните донесувачи на одлуките, и алоцирање на планираните финансиски средства за Европскиот одбранбен фонд, за периодот 2021-2027., во износ од 13 милијарди евра.

На предавањето, присуствуваа голем број дипломати и претставници од невладиниот сектор.

 

 

 

Конзуларни услуги