Соопштенија

Денес во посета на Република Северна Македонија, престојуваше министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде, во чии рамки оствари средба со својот колега и домаќин, министерот за надворешни работи Никола Димитров.

 

МНР12

Акцент на средбата беше ставен на потребата од јасен и недвосмислен одговор на европските аспирации и перспективите на Република Северна Македонија, особено по одлуката на октомврискиот Европски Совет. Министерот Димитров информираше за досегашните постигнувања и резултати во клучните реформски области, нагласувајќи дека Северна Македонија ги поздравува идеите за поголема критичка опсервација и посилна контрола на ЕУ пристапниот процес, но без промена на крајната цел: полноправно ЕУ членство. Во таа смисла, искажа благодарност до Шведска, која со континуираната поддршка потврдува дека е конзистентен промотор на процесите на суштинска демократизација во нашата држава и на регионот во целина.

МНР2

За време на разговорот помеѓу двајцата Министри стана збор и за регионалната динамика и други актуелни меѓународни прашања, како и за севкупните билатерални односи и соработката меѓу Северна Македонија и Шведска.

Од страна на гостинката, беше нагласена позитивната динамика во политичкиот дијалог меѓу двете земји, при што и нејзината денешна посета на земјата претставува реафирмација на шведскиот став за силна поддршка на нашиот европски пат. Таа исто така, искажа подготвеност за билатерална соработка и во други области од важност за нашата држава и од заемен интерес.

МНР3

Во рамки на посетата министерката Линде ќе биде примена и од претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, а ќе се сретне и со вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска и со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи .

Конзуларни услуги