Северна Македонија во светот

На 3 декември 2019 година, Постојаната Мисија на Република Северна Македонија при Обединетите Нации во Женева учествуваше на традиционалниот годишен хуманитарен Базар кој ОН го организира во соработка со Здружението на жените при ОН, со цел собирање средства за деца од ранливи категории ширум светот. Со текот на годините, Базарот прерасна во врвен настан во меѓународната заедница на кој секоја година се собираат повеќе од 300 илјади швајцарски франци за добротворни цели.

2019 12 05 12.09.21

Оваа година на Базарот учествуваа повеќе од 70 земји, а го посетија околу 6000 посетители од различни земји, меѓу кои и вработени во ОН, жители од Женева и регионот, ученици од регионалните училишта, претставници од НВО организации и дипломатските мисии при ОН во Женева.

Постојаната Мисија учествуваше со национален штанд и штанд со храна на кои беа претставени делови од македонскиот фолклор, култура и традиции, уметност, занаети, како и врвни македонски вина, сирења и различни традиционални кулинарски рецепти. Во соработка со хотел Изгрев, Мисијата додели и награда на лотаријата која е составен дел од Базарот.

IMG 4619

Учеството на Постојаната Мисија со свои донации во продукти го поддржаа повеќе истакнати македонски компании и институции (Министерство за надворешни работи, Министерство за економија, Здружението Вина од Македонија, Камник, Тиквеш, Бовин, Стоби, Езимит, Витаминка АД, Здравје Радово, Бучен Козјак, Мамас, Хотел Изгрев, Аверс, Дуке Бојаџиев). Собраните средства од продажбата на продуктите беа донирани како заложба за хуманитарни активности организирани од страна на Здружението на жени при ОН.  Минатата година од средствата собрани на Базарот (http://www.unwg.ch/) беа реализирани 43 проекти за деца од ранливи категории во 31 земја.

Конзуларни услуги