СРЕДБА ОСМАНИ – БАЛА

30 September 2022

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска,  оствари средба со  Таулант Бала,  координатор на пратеничката група на Социјалистичката партија на Албанија кој ја предводи парламентарната делегација од Албанија во чиј состав се и Етилда Ѓонај, потпретседател на Комисијата за европски интеграции и неколку други пратеници, како и Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција.

На средбата беше изразено задоволство од одличната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Албанија, вклучително на планот на досегашната парламентарна соработка.

Фокусот беше ставен на почетокот на преговорите за членство во Европската унија, како и очекуваното влијание на овој процес врз севкупните прилики во двете земји, но и регионот како целина. Во тој контекст потврдена е силната посветеност и решителност  кои ги поврзуваат Северна Македонија и Албанија во спроведувањето на потребните реформи на патот кон европската интеграција.

Се разговараше и за регионалната соработка, при што министерот Османи истакна дека постоечките регионални иницијативи на „незаменлив и суштински начин го помагаат нашето европско патување – Процесот за соработка во Југоисточна Европа, Берлинскиот процес или Отворениот Балкан се одлични примери во оваа насока, и секоја од овие иницијативи на свој единствен начин го заокружува целокупниот мозаик, во интерес на нашите граѓани и нивната европска иднина“.

Осврт беше направен и врз руската агресија врз Украина, како и руското малициозно однесување во Европа и пошироко, за што Бала ја нагласи важноста на „заедничко делување во соочување со напорите на Русија да ја минира демократијата, преку финансирање на политички партии и медиуми“, но и „ширење на лажни вести или дезинформации на социјалните мрежи“. Ако во Украина беше употребено оружје, „во многу земји во Европа од 2014 година, исто така и во САД, Русија се обиде да ги поткопа демократиите со нелегално финансирање и мешање во внатрешните работи“, додаде Бала.