Заменик министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Фатмире Исаки, денес оствари куртоазна средба со новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Јапонија во Скопје, Оцука Казуја .
Заменик министерот за надворешни работи, Исаки му посака на амбасадорот Казуја успешна дипломатска мисија, ветувајќи професионална поддршка при неговото извршувањето на должностите на функцијата.
На средбата беше разгледана досегашната билатерална и мултилатерална соработка и можностите за нејзино унапредување. Заеднички беше констатирано дека односите меѓу двете земји се на највисоко политичко ниво до сега и дека постои голем простор за зголемување на економската соработка.
Беа разменети предлози и мислења за организирањето на активностите со кои во текот на оваа година би се одбележал јубилејот на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.
Притоа, беа истакнати приоритетите на Република Северна Македонија во рамките на внатрешната и надворешната политика и беа разменети мислења за актуелни регионални и меѓународни прашања.
Скопје, 16 март 2023 година