Информации за коронавирусот (COVID-19)

11 март 2020

Министерството за надворешни работи во врска со коронавирусот (COVID-19) е во постојана комуникација и координација со Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија со цел навремено и точно информирање на јавноста и странските државјани кои имаат постојан или привремен престој во Северна Македонија, како и оние кои планираат патување во земјава во наредниот период.

Притоа, информираме дека во сила се мерки и препораки согласно кои во наредните 14 дена се забрануваат масовни собири и настани на отворен и затворен простор со над 1000 учесници, како и присуство на гледачи (публика) на сите спортски настани на територијата на Северна Македонија во наредните 30 дена.

Исто така нагласуваме дека затворени се сите воспитно-образовни институции во наредните 14 дена, а во тој период забрането е и користење на секаков тип на пливачки базени. Особено е важно да се знае дека е забранет организиран меѓународен автобуски превоз (автобус, комбе, минибус и сл.) кон високо ризичните земји, како и од тие земји кон Северна Македонија.

Препорачуваме да се избегнува патување во земји кои се од висок и среден ризик, а на следниот линк може да се информирате кои се тие земји, согласно листата на Светската здравствена организација (редовно се ажурира и е објавена на веб страницата на Министерството за здравство на следниот линк: http://zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2020/03/Spisok-na-zemji11.03.2020.pdf)

Физичките и правните лица што не ги почитуваат и кои ги прекршуваат препораките ќе бидат казнети.

Министерството за надворешни работи продолжува да биде во комуникација со дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија од каде редовно се ажурираат информациите релевентни за земјите погодени од овој вирус.

Повеќе информации може да се добијат на https://travel.mfa.gov.mk.