Работна средба во МНР со амбасадорите од регионот за непречен транспорт на стоки

16 март 2020

На наша иницијатива, МНР Никола Димитров денес одржа работен состанок со амбасадорите на Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора за меѓусебна координација и договор што ќе овозможи непречен транспорт на стоки во регионот.

Министерот Димитров, кој го водеше состанокот, истакна: „Непречениот транспорт на стоки е во интерес на сите држави од регионот и тоа треба да го реализираме со минимален ризик по здравјето на сите вклучени во тој процес.“

На средбата учествуваа и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на царинската управа Ѓоко Танасоски, генералната секретарка на македонската транспортна асоцијација МАКАМ-ТРАНС, Биљана Муратовска, како и претставници од Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство на Република Северна Македонија.

Од страна на амбасадорите беа презентирани информации во однос на мерките кои се преземени во нивните земји и сите се согласија за создавање на усогласен режим на движење во овој кризен период.