МНР организираше нови чартер летови за враќање на македонски граѓани од Словенија и Германија

28 март 2020

Министерството за надворешни работи информира дека во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство на Република Северна Македонија, за денес и утре организираше чартер летови за враќање на македонски државјани во земјата.

Од Словенија направена е репатријација на 126 лица, кои пристигнаа на скопскиот аеродром и се упатуваат во задолжителен државен карантин.

Во попладневните часови ќе бидат вратени наши граѓани од Минхен, а за утре се предвидени два лета од Берлин и Келн/Бон.

Чартер летовите ги реализира авиопревозникот Wizzair, којшто за овие четири дестинации на јавниот повик од Владата на Република Северна Македонија, понуди најниска цена. Цената за авио билетот се определува од вкупната цена на летот поделена со број на патници.

Министерството за надворешни работи упатува благодарност кон надлежните власти во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово/НАТО, Србија, Германија, и Австрија за соработката при издавање на дозволи за прелет и целокупната поддршка во овие отежнати околности.

МНР продолжува со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство.