МНР Димитров: „Подавањето рака меѓу земјите дава надеж дека заедно побрзо ќе ги надминеме предизвиците”

08 април 2020

Пристигна медицинска помош од Турција за Северна Македонија

Денес, по одлуката на Република Турција за донација на медицинска опрема и средства наменети за здравствениот сектор на Република Северна Македонија, на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна помошта која се состои од 50 000 заштитни медицински маски, 1000 заштитни скафандери и 1000 дијагностички тестови. 

Донацијата беше предадена на министерот за надворешни работи Никола Димитров и заменик началникот на Генералштаб, Азим Нуредин, од страна на Амбасадорот Хасан Мехмет Секизќок.

МНР Димитров: „Во овие тешки времиња кога светот е соочен со исклучително тежок предизвик по јавното здравје и справување со последиците од пандемијата на COVID-19, подавањето рака меѓу земјите дава надеж дека заедно побрзо ќе бидат надминати. 

Високо ја цениме и сме благодарни за несебичната поддршка со медицинска и заштитна опрема што денес ни пристигна од пријателска Турција.“