Во овие исклучително неизвесни времиња за целиот свет, конкретната и особено видлива помош од Европската Унија како несомнено најголем наш донатор во кризава предизвикана од пандемијата, дава чувство на сплотеност, солидарност и сигурност дека заедно ќе излеземе од ова премрежје.
Дека сме третирани речиси како земја членка на Унијата во поглед на вклученост во механизми и фондови за справување со пандемијата од вирусот КОВИД-19 и нејзините последици, говори не само денешнава значајна донација во вистински момент-од 12 комплетно нови респиратори, како и 5000 заштитни маски FFP2 за здравствените работници, туку и целокупната нивна досега планирана помош, на која во оваа прилика би сакал накусо да се осврнам.
Последниот статус со донацијата од 66 милиони евра од страна на Европската Унија за справувањето на Северна Македонија со кризата со корона вирусот е следен:
4 милиони евра за итно неопходни медицински материјали – од кои првата испорака, која вклучува и многу потребни респиратори, е доставена денес;
3 милиони евра директна поддршка за буџетот - процедурите се во тек, ќе биде доставена во текот на наредните недели;
9 милиони евра директна поддршка за мал и средни претпријатија ќе започне есенва;
40 милиони евра - распределбата на фондовите во моментов се финализира заедно со Владата, за помош на мали и средни претпријатија и мерки за активно вработување. Целта е првата транша фондови да бидат доставени во буџетот после летото;
10 милиони евра алокација за можни здравствени и други итни потреби што може да се појават во иднина.
Покрај оваа донација, Делегацијата на ЕУ, заедно со други вклучени партнери е во процесот на подготвување на можно пренасочување на фондови од постоечки проекти кон итни мерки и мерки за закрепнување поврзани со кризата со Ковид-19.
Европската Унија активираше различни механизми за понатамошна помош на Северна Македонија во управувањето со кризата со коронавирусот.
Во средата, Европската комисија предложи пред Советот на ЕУ и Европскиот парламент 160 милиони евра макрофинансиска помош за буџетот на земјата во форма на заеми за управување со фискалните последици од кризата предизвикана од Ковид-19.
Северна Македонија има право да биде поврзана со Европскиот договор за јавни набавки за медицинска опрема и Системот на ЕУ за брзо предупредување за заразни болести.
Европската Унија е во процес на ослободување на извозот на медицинска опрема за земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија.
Како земја-партнер, Северна Македонија имаше можност да побара поддршка од Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, што резултираше со испорака на генератори, шатори, ќебиња, душеци, како и комплети за хигиена.
Покрај поддршката што ја дава Европската Унија, билатерална помош беше обезбедена и од страна на неколку земји-членки на ЕУ.
Дозволете ми да упатам искрена благодарност што ги препознавте и подржавте нашите напори за справување со овој заеднички глобален предизвик и особена благодарност што ни дадовте чувство на припадност во тимот Европa.