Телефонски разговор на МНР Бујар Османи со Венди Мортон, министерка за европско соседство и Америки на Обединетото Кралство

23 септември 2020

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска оствари телефонски разговор со Венди Мортон, државна министерка за европско соседство и Америки на Обединетото Кралство.

Во таа прилика, министерката му честиташе на министерот Османи за новата функција и искажа подготвеност за натамошно продлабочување на долгогодишното партнерство и соработка меѓу двете земји. Обединетото Кралство ќе остане посветен подржувач на евро-атлантските аспирации на Северна Македонија и силен сојузник во НАТО. Беа разменети мислења и за внатрешно-политички односи, при што од страна на министерката Мортон беше оценето дека новата Влада треба со подеднаква енергија и ефективна работа да продолжи да работи на исполнување на реформските процеси во делот на зацврстување на владеењето на правото и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.

Посебен фокус од страна на двајцата колеги беше посветен на процедурите за потпишување на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство со надеж дека истиот ќе биде финализиран и потпишан пред крајот на оваа година,и кој ќе овозможи регулирани билатерални односи, особено на трговски план.

Во тој контекст, министерот Османи изрази задоволство што рамката на договорот ги нуди истите поволности како што беа утврдени со Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ и ќе претставува солидна основа преку која економските трендови помеѓу двете држави ќе добијат на дополнителен интензитет. “Особено сум горд што дури и за време на криза предизвикана од пандемијата со КОВИД 19, според официјалните податоци, трговскиот извоз од Северна Македонија во Обединетото Кралство се зголеми за 7%, во првата половина на оваа година, и затоа врвен приоритет во билатералната соработка останува натамошното јакнење на економската соработка и искористување на потенцијалот кој ни претстои со оглед дека Обединетото Кралство е еден од најголемите странски инвеститори и втор трговски парнер на нашата земја”, нагласи МНР Османи.

Приликата беше искористена да се поразговара и за претстојниот Софиски самит во рамките на ко-претседателството со Берлинскиот процес на Северна Македонија и Бугарија. Министерката Мортон изрази особен интерес за текот на дел од иницијативите кои се дел од безбедносниот столб како што се унапредувањето на регионалната безбедносна соработка, размената на квалифицираните информации, нелегалното поседување и злоупотреба и трговија со лесно и тешко оружје, борбата против корупцијата итн. Соговорниците се согласија дека од исклучителна важност е да продолжи праксата, во рамки на одржувањето на планираниот онлајн состанок на Управната група за преземање на обврски од областа на безбедноста на 6 октомври како и онлајн состанокот на министрите за внатрешни работи на 16 октомври оваа година во рамки на Берлинскиот процес, на третирање на безбедносните теми, кои беа иницирани од страна на Обединетото Кралство како приоритетни во време на Лондонскиот самит со Берлинскиот процес.