Заменик министерот за надворешни работи, г-ѓа Фатмире Исаки, на 10 мај 2022 година во Малага, учествуваше на Меѓународната конференција на високо ниво на ОН, посветена на човековите права, цивилното општество и борбата против тероризмот, во организација на Канцеларијата на ОН за борба против тероризмот и Кралството Шпанија.
При својот настап на министерската сесија на Конференцијата, ЗМНР Исаки ја истакна важноста од почитување на човековите права, основните слободи и владеење на правото, како клучни алатки во контекст на мерките за борба против тероризмот. ,,Сите мерки што се преземаат мора да бидат во согласност со меѓународните инструменти за човекови права со цел да се спречи злоупотреба и прекршување на човековите права, особена во однос на ранливите категории”, подвлече Исаки.
Зборувајќи за активностите на нашата земја во оваа насока, Исаки нагласи дека „Република Северна Македонија ќе продолжи тесно да соработува со Обединетите Нации и останатите партнери, вклучувајќи го и граѓанското општество, во борбата против глобалниот тероризам и насилен екстремизам, согласно третата Национална стратегија за борба против тероризмот за периодот 2018-2022“.
На маргините на настанот, ЗМНР Исаки имаше повеќе средби и разговори со свои хомолози и други учесници на Конференцијата.
Скопје, 11 мај 2022 година