СРЕДБА ОСМАНИ – ЛЕ ДРИАН

12 мај 2022

На маргини на состанокот на Коалицијата за борба против ИСИС во Маракеш, денес, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Франција, Жан Ив Ле Дриан.

Во фокусот на разговорите беа активностите и плановите на француското претседателство со Советот на ЕУ  во однос на интеграцијата на државите од Западен Балкан и неопходноста од забрзување на европскиот пат на нашата држава.

Министерот Османи нагласи дека надворешно-политичките и безбедносните ризици во новата геополитичка реалност го наметнуваат ефектуирањето на одлуката за почетокот на пристапни преговори со Северна Македонија, доколку Европската унија сака да го задржи својот кредибилитет, пред се во регионот и да го демонстрира своето геостратешко лидерство.

„Северна Македонија ги исполни сите услови за старт на преговорите и дополнително, постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и 40-процентно усвојување на законодавството на ЕУ, и сега е критичниот момент и Европската унија да испорача преку усвојување на преговарачката рамка“, истакна министерот Османи.

Соговорниците разменија мислења и за актуелната ситуација во Украина и справувањето со безбедносните предизвици во регионот, како последица на руската агресија врз Украина.

 

Маракеш, 11 мај 2022 година