Билатерални средби на министерот Османи

20 јуни 2022

Денес, на 16 јуни, на маргините на Преспа Форум Дијалогот во Охрид, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи оддржа одделни средби со министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок и со заменик министерот за надворешни работи на Република Чешка, Алеш Хмелар.

 

На средбите беше констатирано задоволство од исклучително интензивните и пријателски односи кои се рефлектираат со динамичен политички дијалог, солидна економска соработка и развиена секторска соработка. Чешка и Словачка се наши важни партнерски и пријателски земји, кои беа и остануваат силни поддржувачи за реализација на надворешно политичките приоритети на Северна Македонија. 

Во светло на актуелното француско и идното чешко претседателство со ЕУ, беа разменети мислења околу перспективите за деблокада на евроинтегративниот процес на Северна Македонија и Албанија, текот на дијалогот со Бугарија и можните сценарија и за ургентната потреба Унијата геостратешки да делува во нашиот Регион. Воедно, беа презентирани и  нашите очекувања за ангажман на идниот претседавач Чешка, од аспект на засилена  европска интеграција на земјите од Западен Балкан. 

Соговорниците се согласија дека руската инвазија на Украина ја наруши стабилноста и безбедноста на Европа, предизвика енергетска криза и инфлација и ги постави новите предизвици кои несомнено бараат заедничко делување и солидарност, како во рамки на Европската Унија, така и во рамки на Алијансата.

 

Охрид, 16 јуни 2022 г.