Панел сесија: “Самит за демократија: Важноста на жените во процесот на владеење“

23 јуни 2022

Во рамки на Преспа форумот за дијалог 2022, на 17-ти јуни 2022, се одржа панелот посветен на жените, насловен “Самит за демократија – Важноста на жените во процесот на владеење”, на кој учествуваа високи претставници од земјата, регионот и пошироко.

 Во воведното обраќање, заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки истакна дека има видлив напредок во подобрувањето на родовиот баланс во општеството, но сепак потребно е да се вложат дополнителни напори за вклучување на жените во владеење, во процесите на донесување одлуки и во политиката воопшто.

 Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи потенцираше дека едно општество кое што обезбедува еднакви права за девојчињата и жените и ја вреднува нивната работа еднакво како и на мажите – е општество коешто ќе го води светот кон развој, демократија и прогрес. Во иста насока беа и пораките на вицепремиерката Славица Грковска која подвлече дека заедно, мажите и жените, отворено треба да говорат за родовата еднаквост во владеењето на политиката на централно и локално ниво, како и во сите сегменти коишто придонесуваат за развој на земјата како што се медиумите, граѓанското општество и приватниот сектор.

 Розмари Ди Карло, потсекретaрка за политички и мировни прашања на ОН наведе дена не треба да постои мировен договор, политика или донесена одлука без вклучување на жените бидејќи тие се основниот столб за воспоставување на траен мир и благосостојба. “Жените мора да бидат на одлучувачка маса во мировните процеси и во овие процеси задолжително да се земе во предвид родовата перспектива“ – додаде Ди Карло.

 На панелот со видео обраќање се приклучи и г-ѓа Катрина Фотоват која е висок државен секретар од Стејт департментот за глобални женски прашања,а воедно е и промоторка на иницијативата на претседателот на САД, Џо Бајден за политичко лидерство и родова еднаквост на жените. Фатоват изрази задоволство што оваа иницијатива резултираше со одличен одзив од многу земји во светот и поттикнува превземање на конкретни активности во насока на промовирање на женското владеење како фундаментална основа на демократијата.

 Говорници на панелот беа и Алберт Хани, генерален секретар на РИКО, и Роберт Бенџамин Регионален директор на НДИ, кои се осврнаа на неопходноста за вклучување на мажите како адвокати за родовата еднаквост преку нивна силна поддршка на вклучување на жените во највисоките одлучувачки позиции во политиката и владеењето, при што се потенцираше дека еднаквоста и доброто владеење одат рака под рака, а тоа не може да се постигне без учество на жените во јавниот живот и дека земјите со повисок степен на вклученост на жените во владеењето, се високо рангирани како демократски и економски поразвиени земји.

 По плодната дискусија на панелот и изразениот интерес преку многубројните прашања и коментари од присутните упатени до панелистите, заклучните согледувања на панелот ги даде американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мари Брнс, која подвлече три значајни моменти за дискусија во однос на подобрување на позицијата на жената во регионот, велејќи дека сѐ уште сме на почетокот на реализација на целта. “Демократијата сѐ уште е кревка во овој регион и триесет години не се долг период, но сепак има многу добри практики кои можат да се земат како добар пример за реализиран прогрес“ додавајќи дека жените во функција треба максимално да ги користат нивните позиции за да го подобрат животите на другите жени генерално во секоја сфера од животот.

 

 

Охрид, 17 јуни 2022 г.