Средба Османи - Јаин

23 ноември 2022

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес имаше средба со вонредната и ополномоштена амбасадорка на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Јаин.

Изразувајќи задоволството од одличните односи меѓу двете земји, двајцата соговорници  разменија мислења и информации за европското досие на Република Северна Македонија во светло на идното шведско претседавање со Европската Унија, во првата половина на следната година.  

Министерот Османи се заблагодари за континуираната шведска развојна поддршка за зајакнување на институциите на Северна Македонија, во областa на демократијата, владеењето на правото, пазарната економија, заштитата на животната средина и климатските промени, со цел подобра подготвеност на нашата држава во однос на евроинтегративниот процес.

Амбасадорката брифираше за текот на активностите и заокружувањето на процесот за членство на Шведска во НАТО, при што министерот Османи уште еднаш ја потврди нашата недвосмислена поддршка на политиката на отворени врати на НАТО.

  На средбата стана збор и за идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ следната година, особено со оглед на актуелните геополитички предизвици.

 

 

Скопје, 22 ноември 2022 година