Историјат
Односите со Грција со децении се карактеризираа со исклучителна сложеност и деликатност и беа обременети со разликата во однос на уставното име на Република Македонија во моментот на прогласувањето на нејзината сувереност и независност на 17 септември 1991 година. Со аргумент дека уставното име имплицира иредентизам, Грција наметна децениски меѓународен спор со нашата држава, кој се надмина со склучувањето на Конечната спогодба во Преспа, на 17 јуни 2018 година и нејзиното последователно влегување во сила на 12 февруари 2019 година.
Грција конзистентно и во континуитет ја темелеше својата надворешна политика и дипломатска активност врз нејзините аргументи во однос на споменатата разлика околу уставното име на тогашната Република Македонија, како и на аргументи во однос на историски прашања и при тоа на различни начини го попречуваше процесот на нејзиното признавање како самостоен и независен субјект во меѓународните односи и особено се спротивставуваше на нејзината интеграција во меѓународните организации во кои членуваше Грција.
Како резултат на грчкотото спротивставување на барањето на тогашната Република Македонија за полноправна членка на ОН, а врз основа на препораката од резолуцијата 817 (1993) на Советот за Безбедност на ОН, државата на 8 април 1993 година беше примена како членка на Обединетите нации, со препорака времено да биде ословувана со референцата “поранешната Југословенска Република Македонија” сѐ до конечно решавање на разликата околу името. Генералниот секретар на Обединетите нации беше задолжен да помогне да се реши спорот, за која цел истиот назначи свој личен Претставник.
На 16 февруари 1994г. Грција дополнително ја заостри политиката на притисок и воведе билатерално трговско и транзитно ембарго кон тогашната Република Македонија. Ембаргото траеше сѐ до склучувањето на Времената спогодба на 13 септември 1995 г. со која се воспоставени дипломатски односи меѓу двете соседни држави, на ниво на канцеларии за врски, а истовремено се утврди и рамка за развивање на односите меѓу двете земји сѐ до решавањето на спорот околу името. Спогодбата, заедно со дополнително склучените меморандуми за практични мерки (13 октомври 1995 г.), за отворање на канцеларии за врски во Скопје и Атина (1995 г.) и за отворање на Канцеларии за конзуларни, економски и трговски работи во Битола и во Солун (2004 г.). ја сочинуваат правната рамка врз која се темелеа севкупните меѓусебни односи на двете страни сѐ до влегувањето во сила на Конечната спогодба (12 февруари 2019г.), со што беше надмината Времената спогодба и се поставија поцрвсти основи за развивање на односите меѓу двете соседни земји.
Поради противењето на Грција спротивно на член 11 од Времената спогодба, државата не доби покана за пристапување кон НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 г, на истиот начин како што беше примана во другите меѓународни организации претходно. Со аргумент дека ваквото спротивставување на Грција е спротивно на членот 11 параграф 1 од Времената спогодба, тогашна Република Македонија покрена спор против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. На 5 декември 2011 година Меѓународниот суд на правдата донесе пресуда, во која утврди дека Грција, спротиставувајќи се на приемот на земјата во НАТО ја прекршила својата обврска од членот 11, став 1 од Времената Спогодба. Судот натаму утврди дека дека мора да се претпостави нејзината добра волја како држава поведението кое е прогласено како погрешно од страна на Судот да не го повторува во иднина. Меѓутоа, пресудата не беше доволна да се ефектуира членството во НАТО.
Во јуни 2015 г, двете држави постигнаа согласност за иницијален сет од мерки за градење на доверба и отворање на процес на соработка во идентификувани области и создавање клима за евентуално изнаоѓање можно решение за надминување на разликата околу името.
Конечната Спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните беше потпишана на 17 јуни 2018 година, а влезе во сила на 12 февруари 2019.
Со Конечната Спогодба се надминува децениската разлика меѓу двата соседи и се потврдува волјата на двете страни за воспоставување нова историска рамка за зацврстување на меѓусебната доверба, градењето пријателски односи, унапредувањето на добрососедството преку развивање на сестрани меѓусебни односи до стратешко партнерство. Конечната Спогодбата се темели врз принципите вградени во клучните меѓународни документи (Повелбата на ОН, Завршниот документ на ОБСЕ од Хелсинки и принципите вградени во документите на Советот на Европа), а надминувањето на деценискиот проблем по мирен пат е вистински пример за почитување на фунадаменталните принципи од членот 1 и 2 од Повелбата на ОН и за успехот на дипломатиите на двете држави. На овој начин Конечната Спогодбата директно и трајно придонесува кон мирот, стабилноста и унапредување на добрососедството во регионот на ЈИЕ и е вистински поттик за нови позитивни решенија за надминување на други отворени прашања.
Конечната Спогодба е израз на мудра, храбра и одговорна политика; политика на лидерство со визија кон иднината и истовремена заштита на клучните национални интереси на двете Страни од Конечната спогодба..
Согласно уставните измени, а врз основа на договореното со Конечната Спогодба во името на државата беше додадена географска одредница (“Северна”) пред терминот „Македонија”, со зачувување на националните идентитетски обележја врз основа на правото на самоопределување - македонски народ, македонски јазик и др. Уставното име на државата е „Република Северна Македонија“, а краткото „Северна Македонија“. Државјанството, како што ќе биде заведено во сите патни документи, е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Официјалниот јазик е „македонски јазик“. Меѓународните кодови на земјата за сите цели остануваат МК и МКД, како што се и официјално определени од Меѓународната организација за Стандардизација („ISO“), освен кодот на земјата на табличките на моторните возила кој гласи „NМК“.
Со Конечната спогодба, дипломатските односи беа подигнати на амбасадорско ниво, канцелариите за врски во Скопје и Атина на ниво на амбасади, а канцелариите за конзуларни, економски и трговски работи во Битола и Солун на ниво на генерални конзулати.
Доследната, во добра волја, имплементација, на Конечната Спогодба од страна на Северна Македонија и Грција води кон воспоставување стратешки партнерски односи и добрососедска соработка во сите области од заемен интерес и подразбира силна поддршка на Грција за целосно европско и евро-атлантско интегрирање на Северна Македонија. Впрочем и самото стапување во сила на Конечната Спогодба беше условено со ратификацијата на НАТО Пристапниот Протокол од страна Грција, а пак преку одредени аспекти, спроведувањето на Конечната спогодба правно е поврзано и со напредокот на Северна Македонија на евроинтегративниот пат. На овој начин Конечната Спогодбата ќе биде втемелена како суштински документ кој придонесува за јакнење на регионалната безбедност и соработка.
Конечна спогодба – Упатство за медиуми