Османи го одбележа месецот на Франкофонијата

31 март 2023

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, 31.03.2023. заедно со францускиот Амбасадор, Сирил Бомбардер и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во Паркот на франкофонијата во Скопје, засади 10 садници по повод Месецот на Франкофонијата, со што и се заокружи Месецот на Франкофонијата.  

„Сметам дека овој зелен амбиент претставува идеално место и момент за заокружување на Месецот на Франкофонијата; месец кога со засилен интензитет и со зголемен ентузијазам ги славиме францускиот јазик, културната различност и вредностите кои не обединуваат“, рече Османи.

 

Воедно, Османи истакна дека Франкофонијата е во служба на зближување на народите и дека на симболичен начин тоа го манифестираме и денес, афирмирајќи уште една вредност: чување на природната околина, нагласувајќи: „Дрвцата што денес ќе ги посадите овде, во чест на Франкофонијата, ќе бидат сведоштво на само на еден ден во животот на секој од овде присутните, туку на благородната мисија и вредностите во кои веруваме, кои ги промовираме и заеднички ги негуваме“.

На настанот се обратија и Амбасадорот на Франција Бомбардер и градоначалникот Герасимовски, кои исто така ги истакнаа вредностите и значењето на Франкофонијата.

Учество земаа и претставници од резидентните амбасадори на земјите членки на Организацијата на франкофонија: Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Швајцарија, како и резидентните  Почесни конзули на земјите франкофони, Белгија и Канада.

Исто така, учениците од француските паралелки на средните државни училишта Раде Јовчевски – Корчагин и Орце Николов, како и од Францускиот институт, покрај тоа што учествуваа во садењето дрва, рецитираа и поеми од македонскиот поет и франкофон Ацо Шопов, и францускиот поет Виктор Иго.