Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска имаше излагање пред Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Северна Македонија, на која презентираше по однос на точката на дневниот ред во однос на прашањето за почеток на пристапните преговори со ЕУ за време на португалското претседателство, а во контекст на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Османи направи пресек на неговиот деветмесечен ангажман и осврт на видно и значајно подобрената позиција на државата, по членството во НАТО и очекуваното формално започнување на преговорите за членство во ЕУ. „Она што претставува нова реалност во Северна Македонија е фактот дека како актер на меѓународната сцена дебатираме и одлучуваме директно во Агендата на НАТО 2030, која навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување“, согласно стратешките цели и интереси на земјата, нагласи Османи.
Новиот контекст, отвора нови можности за соработка, а со тоа и потребата од динамична, респонзивна дипломатија, во чекор со брзите промени кои се одвиваат на глобално ниво. Во таа насока, Османи до членовите на Комисијата за надворешна политика апелираше на нивна соработка и кооперативност во смисла на градење на квалитетна и широка дипломатска мрежа.
„Испраќањето амбасадори не треба да биде дел или да биде жртва на некакви актуелни политички несогласувања или дневни надмудрувања. Тоа е процедурална должност на сите инволвирани институции, свесни за потребата од активна функционална и професионална дипломатија, во интерес на сите граѓани на Северна Македонија“, истакна Османи.
Осврнувајќи се на нашето членство во ЕУ, Османи нагласи дека државата успеала да обезбеди јасна поддршка за напорите за неодложно започнување на преговорите, за што доказ е енергичноста и посветеноста на Германското претседателство со Советот на ЕУ, како и охрабрувачката поддршка од Португалија, која отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, го има високо на агендата.
Осврнувајќи се на односите со Бугарија, министерот Османи даде детален приказ на текот на засилениот политички дијалог меѓу двете соседни држави во текот на изминатите девет месеци. Информираше дека на повеќе наврати беа разменувани идеи за проширување на соработката, во нови области и за продлабочување на билатералните односи. Потенцираше дека Северна Македонија демонстрираше проактивен, позитивен и конструктивен пристап на сите можни нивоа.
„Она што знам дека најважното прашање за кои се загрижени граѓаните, а ценам дека секогаш сме биле јасни е дека идентитетските прашања, како што е македонскиот јазик, македонската етничка посебност, не се и не може да бидат на масата како дел од преговорите. Процесот е сложен а целта е заедничка, одржување на Првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ“, заклучи Османи.
Министерот Османи во Скопје допатува од Братислава, каде, заедно со својот словачки хомолог, Иван Корчок, свечено ја отвори Амбасадата на Република Северна Македонија во оваа земја.
Скопје, 16 јуни 2021 г.