Обединети нации


На 8 април 1993 година тогашната Република Македонија беше примена како  членка на Обединетите нации, врз основа на резолуцијата 817 на Советот за безбедност на ОН од 7 април 1993 година, со препорака времено да биде ословувана со референцата “поранешната Југословенска Република Македонија” сѐ до конечно решавање на разликата околу името (види Прашањето за името). Членството во ОН, втемелено врз основните принципи и постулати на Повелбата на ОН, во континуитет ги креира аспектите на мултилатералната димензија на нашата надворешна политика. Во таа рамка, започнатиот процес за етаблирање и позиционирање на меѓународната сцена од 1991 година се трансформира во препознатливост на принципиелен и одговорен член на меѓународната заедница.

 Воспоставената дипломатска комуникација и соработка во континуитет се зајакнува со активен ангажман и придонес во сите специјализирани агенции, програми и фондови од системот на ОН. Остануваме доследни на своите заложби за почитување на човековите права, разоружување и непролиферација на оружје, борба против тероризмот, климатските промени, одржлив економски развој, имплементација на милениумските развојни цели, реформа на системот на ОН со цел ефективно справување и решавање на актуелните глобални предизвици и закани по меѓународниот мир и безбедност. Нашите настојувања за унапредување на нашиот профил како активен и одговорен меѓународен фактор наоѓа потврда со нашето учество во мировната мисија на ОН во Либан – UNIFIL, како и со зголемените активности по нашиот избор во Советот за човекови права на ОН за периодот 2014-2016 година.

 Досега најголема потврда за нашиот придонес во зајакнувањето на мултилатерализмот, како клучен инструмент за промоцијата на фундаменталните вредности на мирот, демократијата, човековите права и развојот беше изборот на д-р Срѓан Керим за претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на ОН во 2007 година. Неговото претседателство со Генералното собрание, што заврши на 15 септември 2008 година, придонесе за придвижување на низа клучни теми во рамките на ОН, со посебен акцент врз климатските промени и еколошкиот менаџмент, реформата на менаџментот на Организацијата, имплементацијата на милениумските развојни цели, стратегијата за борбата против тероризмот, ревитализација на Генералното собрание и одлуката за започнување меѓувладини преговори за надминување на разликите по прашањето за реформа на Советот за безбедност.

Република Северна Македонија има постојан позитивен и активен однос кон ОН и во рамките на нашите можности учествуваме во работата на организацијата, како на Пленумот, така и во сите комитети, комисии и формални и неформални групи на кои им припаѓа. Редовно учествуваме на генералната дебата на Генералното собрание на ОН на највисоко ниво, како и во работата на редовните сесии на ГС, каде што ги застапуваме интересите на државата за сите прашања на дневен ред, а посебно оние од наш посебен интерес, и секогаш настојуваме да оствариме соодветен профил на засилено учество во активностите на ОН. Имаме посебна активност во однос на афирмацијата на нашите ставови во однос на состојбите во регионот и негова стабилизација, за преземање регионални мерки во борбата против тероризмот, илегалната трговија со мало и лесно оружје, за економската реконструкција на регионот, улогата и соработката со ОН, ЕУ, НАТО и ОБСЕ во регионот и имплементацијата на регионалните иницијативи. Покрај Њујорк активно сме ангажирани и во останатите седишна на ОН или на нејзините специјализирани агенции посебно во Женева и Виена.

 Во таа насока, основа на активностите на Северна Македонија, како земја со нагласена европска ориентација, кандидат за членство во ЕУ, реформски ориентирана, и цврсто определена за заштита на правата на човекот и во иднина останува да биде нашата реафирмација како мирољубива и активно ангажирана членка на ОН во меѓународните односи, постојано подготвена да дава придонес во јакнењето на меѓународниот мир и безбедност, меѓународната соработка во сите области, како и за јакнењето на ОН.

Последно ажурирање: 23 ноември 2020