ОБСЕ


ОБСЕ претставува најголема регионална безбедносна организација чија основна функција на делување се заснова на предупредување, превенција на конфликти, управување со кризи и пост -конфликтно закрепнување. Организацијата овозможува безбедност и соработка преку трите главни димензии или области на работа: политичко–воената димензија, хуманата димензија и димензијата за економски прашања и заштита на животната средина. Една од специфичностите на нејзиното работење е што 57-те земји учеснички носат одлуки со консензус. 

На 12 октомври 1995 година тогашна Република Македонија стана дел од Организацијата. 

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е воспоставена е 1992 г. со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. По 2002 година, константно се одвива процесот на намалување на персоналот согласно постигнатите резултати. Активностите на Мисијата, што се утврдуваат и реализираат во тесна соработка со Владата на Република Северна Македонија и се насочени кон поддршка на националните реформи, се фокусирани на имплементација на ОРД, децентрализацијата, антидискриминацијата, реформи во полицијата, владеење на правото и областите поврзани со доброто владеење.

Остваруваме тесна соработка со Високиот комесар за национални малцинства на  ОБСЕ,  со Претставникот за слобода на медиумите, како и со Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ODIHR).  Мисиите на ODIHR ги набљудуваа сите избори во државата почнувајќи од парламентарните во 1998 година.

Имаме активна улога во рамките на ОБСЕ, што се рефлектира преку претседавањето со Комитетот за економски прашања и за заштита на животната средина (во 2007 година), со избор на наш дипломат за Шеф на Канцеларија на ОБСЕ во Ашгабат, Туркменистан (2009 година), како и со поставувањето наши претставници за шефови на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за следење на изборите во различни држави членки на Организацијата. Во 1996 и во 2012 претседававме со Форумот за безбедносна соработка, а во февруари 2018 во Виена претседававме со 28-от Годишен состанок за  процена на имплементацијата на обврските од политичко-воената димензија на ОБСЕ.  Во 2016 г. бевме домаќини на есенската сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ.  Значителен број на претставници од Република Северна Македонија учествуваат во теренските мисиите на ОБСЕ, посебно во Украина. 

Со сите овие активности ние сме во групата земји што прераснуваат од консументи на помош од оваа организација во пренесувачи на позитивни искуства и генератори на стабилност. 

 

Последно ажурирање: 23 ноември 2020