Совет на Европа


Советот на Европа е најстарата европска организација која обединува 47  земји членки кои што делат заеднички вредности во областа на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Европскиот суд за човекови права претставува најзначајно тело на Советот на Европа воспоставен во 1959 г. Судот донесува пресуди по индивидуални или државни апликации во случај на воспоставување на повреда по некој од членовите на Европската конвенција за човекови права. 

На 9.11.1995 година тогашна Република Македонија стана полноправна членка на Советот на Европа, како 38 земја членка на Организацијата. 

Ние претседававме со Комитетот на министри на Советот на Европа од мај до ноември 2010 год. Приоритетите на нашето претседавање се фокусираа на следниве тематски целини: зајакнување на заштитата на човековите права, унапредување на интегрираноста со истовремено почитување на различностите и промовирање на младинското учество. Претседавањето со Комитетот на министри беше можност нашата земја да се легитимира како промотор на принципите и вредностите врз кои почива Организацијата како и да обезбеди континуитет на севкупните активности на Советот на Европа. 

Активно учествуваме во севкупното делување на организацијата и редовно ги исполнуваме обврските кои произлегуваат од членството и тоа: имплементација на пресудите на Европскиот суд за човекови права, исполнувањето на обврските кои произлегуваат од пост-мониторинг дијалогот во Парламентарното собрание на Советот на Европа, следење на препораките на Комесарот за човекови права, следење на препораките на Европската комисија за демократија преку правото, позната како Венецијанска комисија, Европска социјална повелба, Рамковна конвенција за заштита на национални малцинства, Комитет за превенција од тортура, нечовечки и понижувачки третман или казнување, Европска комисија против расизмот и нетолеранција, Група на експерти за делување против насилство против жените и домашното насилство (ГРЕВИО), Групата на земји за делување против трговијата со луѓе (ГРЕТА), Група на земји во борба против корупцијата и др.  

 Од зачленувањето на Република Северна Македонија во Советот на Европа, претставници на владините институции редовно и активно учествуваат во работата на управните, ад хок комитетите и комитетите на експерти на Советот на Европа, чии состаноци се во функција на спроведување на меѓувладината програма на активности и хармонизирање на европските политики во сите сфери, освен одбраната.

Во 2013 година отворена е Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје, која има за цел да биде комплементарна на програмите и проектите на ЕУ во процесот на европска интеграција на земјата. Во периодот 2016- 2019 г, се реализираше заедничката иницијатива на Советот на Европа и Европската Унија т.н. Хоризонтална програма за помош на земјите партнери од Западен Балкан и Турција во вкупен износ од 25 милиони евра. Во моментов, се спроведува новата програмска рамка Хоризонтална програма II  за периодот мај 2019 г. до мај 2022 г. 

 

Последно ажурирање: 23 ноември 2020