Постапка за издавање на виза


„Виза“ е дозвола за влез и краткорочен престој или транзит на странец што ја издава надлежен орган на Република Северна Македонија.

Визата се издава на странецот со цел да: влезе во Република Северна Македонија и краткорочно престојува во временски период одреден со визата, да влезе во Република Македонија и престојува заради регулирање на привремен престој и да помине преку територијата или меѓународната транзитна зона на аеродром во Република Северна Македонија. 

Странецот е должен да ја обезбеди визата пред неговото влегување во Република Северна Македонија, и може да престојува во Република Северна Македонија само заради целта поради која е издадена визата.


Барање

Странецот поднесува барање за издавање виза до надлежно (резидентно или нерезидентно) дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија, не подолго од шест месеци и не пократко од 15 дена пред почетокот на планираното патување. Барањето за виза се поднесува лично. По исклучок барањето за издавање виза може да се поднесе и од страна на ополномоштено физичко или правно лице кога странецот е лице со попреченост и странецот е добро познат и не постои сомневање во неговата чесна намера. За малолетно лице барањето се поднесува лично од страна на родител или старател. (Апликација за виза >>>)


Документација

Апликантот ја поднесува следната документација со барање за виза:

  • Важечка патна исправа (важноста на патните документи на кои треба да се издаде виза е најмалку три месеци подолго од важењето на визата), патната исправа мора да биде издадена во последните 10 години, патната исправа мора да содржи најмалку две празни страници за влез во виза, една фотографија во боја 35x45 mm
  • доказ за важечко патно здравствено осигурување
  • доказ за платена такса
  • документација која докажува: целта на престојот во РСМ, обезбедено сместување, обезбедени средства за издржување при престој во РСМ и враќање во матичната земја или патување во трета земја, средствата за патување и можност да се вратат во матичната земја, односно можноста за влез во трета земја

Услугата согласно ЗАТ - Тар.бр. 135 за виза за долгорочен престој (виза Д) - 70 евра, за деца на возраст меѓу 6 и 12 години 35 евра


Гарантно писмо

Гарантно писмо издава државјанин на Република Македонија или странец кој има одобрен престој во Република Северна Македонија. 

Покана од правно лице издава домашно или странско правно лице регистрирано во Република Северна Македонија, кое го повикува странецот во деловна посета, како и орган на државна управа.

Гарантното писмо, поканата од правното лице и од органот на државната управа се прифаќаат како потврда за поседување на средства за издржување, односно обезбедено сместување ако содржат изјава на давателот на гарантното писмо, односно правното лице дека ја презема обврската да обезбеди сместување и да ги покрие сите трошоци за престојот на странецот во Република Северна Македонија и неговото напуштање на територијата на Република Северна Македонија.

Гарантното писмо и поканата од правното лице мора да бидат заверени од страна на нотар, освен поканата од органoт на државната управа.


Патничко здравствено осигурување

Соодветното и важечко патничко здравствено осигурување ги покрива трошоците кои може да настанат за време на престојот на апликантот во РСМ во врска со враќањето во земјата на потекло од медицински причини, итна медицинска помош и / или итно медицинско лечење.

Барателот за визи е потребно за да докаже дека има патничко здравствено осигурување што го покрива целиот период на престој во РСМ.


Одбивање на виза - жалба

Против решението за одбивање на барањето за виза, странецот има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата се поднесува во писмена форма на македонски јазик и неговото кирилско писмо, до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во рок од осум дена од денот на приемот на решението, со плаќање административна такса утврдена со закон.

Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Последно ажурирање: 23 ноември 2020