Државен секретар - Филип Тосевски



Државен секретар - Филип Тосевски


Филип Тосевски е професионален дипломат со повеќе од 16 години работно искуство во Министерството за надворешни работи, а кој својата кариера во Министерството за надворешни работи ја започнува во 2006 година по пат на превземање од Секретаријатот за европски прашања на Владата преку конкурсот за зајакнување на капацитетите на институциите за потребите на процесот на пристапување во ЕУ.

Во Министерството за надворешни работи работел на разни позиции, почнувајќи од Директоратот за Европска Унија, Дипломатската академија, Секторот за правни и безбедносни прашања, Директоратот за мултилатерални односи, како и раководител на Кабинетот на државен секретар. Бил член на повеќе меѓуресорски работни групи, вклучен во процесот на визна либерализација; член на Секретаријатот на координативното тело за организацијата официјалната посета на папата Франциск на Република Северна Македонија; Член на експертско ниво во Работната група на Советот на Европа (ЦДДХ-ИНСТ) за драфтирање документи за граѓанско општество и национални институции за човекови права во врска со прашања за влијанието на актуелното нацонално законодавство, политики и практики на активностите на НВО, бранителите на човекови права и националните институции за унапредување и заштита на човекови права. (септември 2016 -2020 година), прв секретар и контакт лице надлежно за Австриското претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година во Амбасадата на Република Северна Македонија во Виена, а на позицијата државен секретар доаѓа од Амбасадата Република Северна Македонија во Берлин, каде од 2020 година ја извршуваше функцијата советник во политичкиот оддел на Амбасадата.

Филип Тосевски е дипломиран правник кој своите додипломски студии ги завршил на Правниот факултет "Јустинијан Први“ при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј " во Скопје во 2005 година. Како стипендист на македонската и германската влада преку Германската служба за академска размена има завршено постдипломски студии на Центарот за студии по европски интеграции - Center for European Integration Studies (ZEI), при универзитетот Rheinische-Friedrich-Wilhelms во Бон, Сојузна Република Германија, во периодот 2007-2008 година по што се стекнува со звањето магистер по европски студии. Како дел од „Програмата за стипендии за млади владини службеници од Западен Балкан - Поддршка на извонредноста и лидерството во управувањето на Европски фонд за Балканот во 2014 година стажирал во Auswaertiges Amt/ Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија - Оддел за Европа - Единица за проширување и соседска политика на ЕУ.

Во рамките службата посетувал професионални обуки и се стекнал со професионални квалификации и вештини во областа на дипломатијата и европските политики и прашања на Дипломатската академија во Виена, Дипломатската академја на Министерството за надворешни работи на С.Р. Германија, Институтот Клингендал во Хаг, Холандија, како и преку учество на семинари и обуки на многу други академии и стручни школи за ЕУ прашања и областа правда и внатрешни работи, вкучително и програми за тренери/обучувачи за ЕУ, дипломатски вештини и за преговори, како резултат на што се стекнал со квалификации Сертифициран тренер/обучувач. (“EU-Trainer Program” – Македонски центар за европско образование  во соработка со InWent GmbH/GIZ и Институтит за европски политики, Берлин, Gерманија и Фондацијата Институт отворено општество Македонија; Програма „Train of Trainers for Diplomatic Skills Building“ - Центар за политички и дипломатски студии од Оксфорд/Лондон, Обединетото Кралство; „Programa Train of Trainers for Negotiations Skills Building“- Холандски институт за внатрешни односи Клингендал). Соработувал со невладини организации и спроведувал обуки за ЕУ за студенти и млади, претставници на граѓанскиот сектор, новинари, општини, Роми, и сл.

Во периодот јули 2010 - декември 2016г. бил член на извршниот одбор, а од јули 2012- декември 2016г. и потпретседател на Синдикатот на македонската дипломатска служба, а од декември 2016 година – декември 2018г. член на Надзорниот одбор на Синдикатот на македонската дипломатска служба.

Говори англиски јазик, а активно се служи и со германски и италијански јазик.