Патна исправа
За време на престојот во странство, патната исправа служи за утврдување на идентитетот и како доказ за државјанство на Република Северна Македонија.
Пасошот е електронска исправа за лична идентификација која му се издава на државјанин на Република Северна Македонија заради патување и престој во странство, како и за враќање во земјата.
Повеќе за издавање на патна исправа на https://mvr.gov.mk/upravni-rab/1
Патен лист
Патниот лист е лична исправа која му се издава на државјанин на Република Северна Македонија кој останал во странство без патна исправа, само за враќање во земјата. Патниот лист се издава со рок на важење до 30 дена или за времето кое е потребно за враќање во Република Северна Македонија.
Потребни документи за издавање патен лист:
- Лично пополнето барање за издавање патен лист (за малолетни лица барањето го поднесуваат лично двајцата родители или едниот родител што е законскиот старател).
- Две фотографии со димензии 3,5 см х 4,5 см
- Се приложува на увид лична карта или друга јавна исправа од која може да се утврди идентитетот на подносителот на барањето. (важечки македонски или странски документ со фотографија во оригинал). Доколку не се приложи документ за потврда на идентитетот, тој може да биде потврден со заверена изјава од сведоци, а патниот лист се издава врз основа на претходна согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
- Доказ за државјанство (важечка лична карта, пасош или оригинал Уверение за државјанство на Република Северна Македонија). Доколку не биде приложен доказ за државјански статус, патниот лист може да се издаде врз основа на претходна согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
- Доказ за платена конзуларна такса
Услугата согласно ЗАТ - Тар.бр. 133 чини 30 евра, доколку патниот лист се издава без согласност. Услугата согласно ЗАТ Тар.бр.132 (достава од/до РМ) чини 6 евра за Европа , 9 вон Европа, , односно 36 евра или 39 евра, доколку патниот лист се издава врз основа на согласност од Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.
За државјаните со друга национална валута од еврото, таксата се плаќа во соодветната национална валута.
Доколку патната исправа е изгубена или украдена, потребно е да се достави и потврда од надлежните органи.
Издавање патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија
Државјанин на Република Северна Македонија кон барањето за издавање патна исправа, потребно е да ги приложи следните документи:
1. Првпат издавање патна исправа
- Уверение за државјанство на РСМ
- Извод од Матичната книга на родените
- Документ за идентификација издаден од надлежен орган во РСМ или земјата на приемот
- Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)
2. Редовна замена
- Старата патна исправа со изминат рок
- Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)
3. Дупликат патна исправа (поради губење, кражба или исчезнување)
- Уверение за државјанство на Република Северна Македонија
- Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)
- Извод од Матичната книга на родените
- Документ за идентификација издаден од земјата на приемот или од Република Северна Македонија (лична карта и сл.)
- Потврда од полиција (преведена на македонски јазик) дека е пријавен пасошот за украден, изгубен или исчезнат
- Лична изјава потпишана од странката дека патната исправа е изгубена, украдена или исчезната
- Објавување на изгубената, украдената или исчезнатата патна исправа во Службен весник на РСМ (може лично да се објави или да го сторат тоа роднини во градот на подрачната единица на МВР каде што е издадена патната исправа).
4. Предвремена замена (поради оштетеност, пополнетост, промена на лични податоци и др.)
- Приложување на оригиналната патна исправа во ДКП на Република Северна Македонија
- Валидна дозвола за престој во земјата на приемот (само за лица што го немаат регулирано државјанскиот статус во земјата на приемот)
- Стариот валиден пасош се одзема и се доставува на проверка во МВР
- Доколку се бара издавање нова патна исправа, а старата валидна патна исправа е со важност над 1 година во моментот на поднесување на барањето, старата важечка патна исправа се одзема и се доставува на проверка во МВР
- Доколку се бара издавање нова патна исправа со промена на личните податоци, по барањето не се постапува доколку од страна на подносителот на издавањето на пасошот не се извршени промените на личните податоци во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и не се внесени во системот на мобилната станица
Поднесување барање за издавање патна исправа на малолетни лица
- При поднесување барање за издавање патна исправа на малолетно лице, неопходно е присуство на двајцата родители во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија и извод од Матичната книга на родените на детето, со што ќе се потврди законскиот идентитет на родителите. Доколку еден од родителите е спречен да присуствува, потребно е претходно да се приложи полномошно заверено во дипломатско-конзуларно претставништво на Република Северна Македонија, со кое едниот родител го овластува другиот родител во негово име да поднесе барање за издавање патна исправа за детето. Доколку се работи за поднесување барање за издавање патна исправа за малолетно лице од разведени родители, потребно е родителот што е единствен старател на детето да приложи решение од местен надлежен суд дека е прогласен за единствен старател на детето.
- Доколку бракот е склучен во странство и разводот е извршен во странство, пресудата треба претходно да биде преведена на македонски јазик и верифицирана од надлежен орган во Република Северна Македонија.
- Доколку се работи за поднесување барање за малолетно лице за кое во изводот од Матичната книга на родените (ИМКР) во графата не е наведен еден од родителите (таткото), потребно е при поднесувањето на барањето да се приложи само ИМКР за детето.
- Патна исправа на државјанин на Република Северна Македонија што живее во странство може да биде издадена во следниве дипломатско-конзуларните претставништва: Мелбурн, Канбера, Чикаго, Њујорк, Детроит, Торонто, Берлин, Бон, Минхен, Стокхолм, Копенхаген, Хаг, Брисел, Берн, Лондон, Париз, Венеција, Виена и Љубљана.
Услугата согласно ЗАТ - Тар.бр. 133 чини за лица до 4 години 25 евра, за лица од 4 до 27 години 27 евра, за лица над 27 години 30 евра, издавање на дупликат на патна исправа и замена на оштетена важечка патна исправа чини 30 евра.
Мобилни станици за администрирање патни исправи престојуваат во овие претставништва трипати годишно. Распоредот на мобилните услуги на следниот линк.