Владата на Република Северна Македонија, согласно својата ориентација за обезбедување економски напредок на земјата, како свој приоритет го постави натамошниот развој и засилена улога на економската дипломатија како една од приоритетните активности во Програмата за работа за 2019 година. Во постигнување на оваа цел, Министерството за надворешни работи, заедно со Дипломатско Конзуларните претставништва, преку економска дипломатија, е битен носител на обврската за спроведување на овој приоритет, како и за воспоставување на механизми за координација на вкупниот институционален потенцијал во функција на валоризација и промоција на нашите економски интереси во странство.
Во овој контекст, Министерството за надворешни работи во секојдневното работење е фокусирано на реализација на конкретни иницијативи, вклучително натамошно засилување на имиџот на Северна Македонија во странство и промовирање на економските интереси со цел унапредување на економската соработка со други држави и привлекување на странски инвестиции, што е на линија и во функција на приоритетите на Владата насочени на динамизирање на економскиот раст:
- активности кои придонесуваат за зајакнување на позицијата на земјата како доверлив бизнис-партнер и дестинација
- претставување на Република Северна Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции преку промоција на предностите на водење бизнис
- активности за поттикнување на извозот на македонски производи
- активности за промовирање на Република Северна Македонија како атрактивна туристичка дестинација, со цел зголемување на бројот на туристите што ја посетуваат земјата
- активности во делот на инфраструктурното и енергетско поврзување на земјата на регионално и глобално ниво
Афирмацијата на економските интереси на нашата земја во странство, Министерството за надворешни работи, преку Директоратот за економска и јавна дипломатија, ја реализира во соработка со ресорните Министерства и Агенции, со македонските дипломатски претставништва -Амбасади и Генерални Конзулати, и со Почесни Конзули на Република Северна Македонија во странство.
Министерство за надворешни работи продолжува со практика на редовно информирање и соработка со македонски и странски ДКП-а за реализација на важни проекти, иницијативи и релевантни информации од областа на економијата.
Министерството за надворешни работи, Директоратот за економска и јавна дипломатија, во соработка со Министерството за економија и другите ресорни Министерства, со свои претставници активно учествува во работата на Мешовитите комисии за економска соработка, со цел засилување на нашите билатерални економски односи со други земји.
Во правец на напорите за привлекување странски инвестиции и условите што се нудат во земјата за водење бизнис, има позитивни резултати. Во земјата работат голем број реномирани странски фирми, како што се: Johnson Controls, Johnson Mattey, Kromberg & Schubert, Kemet corporation, Van Hool, Draxlmaier.
Бизнис климата што се создава во земјата има многу предности за странски фирми што сакаат да го прошират својот бизнис надвор од својата земја, односно сакаат да инвестираат во Северна Македонија.
Компаративните предности што ги нуди државата (квалификувана и ефтина работна сила, Влада што е во поддршка кон странските инвеститори, ниски трошоци, едношалтерски систем, даночни поволности и субвенции, добра инфраструктура и сл.) нудат опкружување што е поволно за основање и водење бизнис.