Централно-Европска иницијатива - ЦЕИ
ЦЕИ е основана во Будимпешта на 11 ноември 1989 година. Како една од најстарите регионални иницијативи, таа претставува долгогодишен форум за поддршка и унапредување на европските интеграции и одржливиот развој преку соработка на нејзините земји членки и Европската унија, меѓународните и регионалните организации, како и со други институции и невладини организации.
Република Северна Македонија е членка на ЦЕИ од јули 1993 година. Bo 2002 и 2015 година беше претседавач со ЦЕИ и организираше Самит на шефови на влади (13-15 ноември 2002, Скопје) и состаноци на министрите за надворешни работи, за внатрешни работи, за култура и за информации и медиуми, како и редовни средба на политички директори и на национални координатори. Беа одржани Економски форум и Младински форум.
Во рамките на македонското претседавање со Централно европската иницијатива во 2015 година акцентот беше ставен врз афирмација на предностите кои ги има Регионот (земјоделските капацитети, културното наследство, туризмот, итн.) и особено врз развојот на неопходната инфраструктура (пред се енергетска и транспортна) како клучна за одржлив развој на Регионот, што придонесува за економската и безбедносна стабилност на Европа; Значаен дел беше посветен и на зацврстувањето на бизнис релациите во земјите на ЦЕИ преку реализација на Бизнис Форум 2015 со кој се заокружи нашето претседавање.
Основна цел на ЦЕИ е да ја интензивира меѓусебната соработка на нејзините земји –ЦЕИ располага со неколку фондови: Фонд за соработка за финансирање на проекти, Солидарен фонд, Фонд за трансфер на знаење и Фонд на ЦЕИ при ЕБРД. Од фондовите на ЦЕИ се поддржуваат проекти поднесени од јавни и невладини организации од членките во следните области: наука и технологија, културна соработка и медиуми, малцинства, образование, животна средина и туризам.
Организацијата работи на флексибилен начин со цел промовирање меѓувладина, меѓупарламентарна и бизнис соработка. Извршниот секретаријат има седиште во Трст.
Процес за соработка на Југо-Источна Европа-ПСЈИЕ
Процесот на соработка во Југоисточна Европа започна во 1996 година во Софија со цел трансформација на Југоисточна Европа во регион на стабилност, безбедност и соработка. Овие цели се во согласност со тековите за европска интеграција, преку промовирање на заеднички дијалог и соработка на сите нивоа и во сите области од заедничката интерес.
ПСЈИЕ има конкретна цел да овозможи побрзо приближување кон ЕУ и НАТО, преку јакнење на добрососедските односи и обезбедувањето на мирот во регионот.
Полноправни учесници во Процесот се Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдова, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Словенија и Косово*. Република Северна Македонија се третира како основач, а во периодот jуни 2000-jуни 2001 г. и во периодот jуни 2012-јуни 2013 год. беше претседавач со ПСЈИЕ.
Самитот во Скопје во 2001 година имаше силна економска димензија преку одржувањето на Економскиот форум и усвојувањето на Планот за акција за регионална економска соработка. Планот претставува акционо ориентиран документ и е камен темелник на натамошната регионална економска соработка.
Приоритети на нашето претседавање со ПСЈИЕ во периодот јуни 2012 – јуни 2013 беа: промоција на принципот на добрососедство; парламентарната соработка меѓу земјите од ПСЈИЕ; посилен економски развој и зголемување на трговијата и странските директни инвестиции во земјите од ЈИЕ; заштита и превенцијата од природни и човечки непогоди; јакнење на соработката меѓу локалните и регионални власти во областа на земјоделието, миграциите, здравство, науката итн.; прекуграничната соработка и регионалното поврзување; промоција на културните и религиозни разлики во ЈИЕ и соработка во областа на одбраната заради постигнување на степен на развој одбранбените капацитети согласно НАТО стандардите.
Покрај редовниот, се одржа и вонреден Самит на 25 октомври 2000 година заради актуелните настани во регионот и внатрешните промени во Србија и Црна Гора.
Советот за регионалната соработка СРС
Советот за регионалната соработка е официјално инициран на состанокот на Министрите за надворешни работи на земјите членки на ПСЈИЕ, во Софија на 27 февруари 2008 година, како продолжение на работата на Пактот за стабилност во ЈИЕ.
Во CРС членуваат 46 држави и учесничките во ПСЈИЕ, државите–донатори, неколку меѓународни финансиски институции, како и Советот на Европската Унија, Европската комисија и Советот на Европа. Генерален секретар на СРС е Мајлинда Брегу (Албанија) со мандат од 3 години, а нејзин наследник ќе биде црногорскиот кандидат Игор Лукшиќ.
Главна определба на СРС е да го помага ПСЈИЕ, да ги следи регионалните активности, координира со останатите форми на регионална соработка, да мобилизира донаторски капацитети и да придонесе во искористувањето на Европските инструменти за поддршка и развој (ИПА програмите) и развој на цивилното општество во регионот на ЈИЕ.
Фокусот на СРС е во приоритетните области на економијата и социјален развој, енергијата и инфраструктурата, правдата и внатрешните работи, безбедносната соработка, развој на човечкиот капитал, парламентарната соработка, но и актуелните прашања како миграции, тероризам, поврзаност, транспорт, култура и сл.
Регионална иницијатива за миграција, азил и бегалци –МАРРИ
Формирана е во 2003 година, a oд 2004 година, МАРРИ функционира преку два механизми: МАРРИ Регионалниот форум - обезбедување политичка рамка за поддршка на иницијативата и МАРРИ Регионалниот центар во Скопје – практичната соработка и активности на МАРРИ со поддршка за спроведувањето на одлуките донесени од страна на Регионалниот форум. Целта на МАРРИ е промовирање на регионална соработка во насока на сеопфатен, интегриран и кохерентен пристап кон прашањата на миграцијата, азилот, граничното управување, визната политика и конзуларна соработка, враќање на бегалците и порамнување со цел да се исполнат меѓународните и европски стандарди.
Центар за спроведување на законот во Југоисточна Европа, СЕЛЕК
Целта на SELEC, е преку надлежните органи да обезбеди поддршка на земјите-членки во насока на зајакнување на координацијата со цел спречувањето и борбата против организираниот криминал и прекуграничната соработка, со седиште во Букурешт.
Задачи на СЕЛЕК се: координација на регионалните операции и поддршка на истрагите и активностите за спречување на криминалот на земјите-членки во прекуграничните случаи; размена на информации и криминални разузнавачки информации и оперативна помош на брз и навремен начин; собирање, анализирање, обработување и ширење информации и криминални разузнавачки информации; стратешко анализирање и проценка на заканите; воспоставување, управување и одржување на компјутеризиран информациски систем. Оперативните активности на СЕЛЕК се спроведуваат во рамките на осум работни групи.
Здравствената мрежа на Југоисточна Европа (ЗМЈИЕ)
Седиштето на Секретаријатот на здравствената мрежа за земјите од Југоисточна Европа е отворен нa 07.03.2013 г. во Скопје. Целта на мрежата е зајакната соработка меѓу 10 земји-членки, во поглед на развој на јавното здравство, на организирање или имплементација на заеднички проекти и соработка на сите нивоа на здравството и здравствената услуга.
Основна цел на мрежата е соработка, како составен дел од развојот на добрососедските односи, стабилност и просперитет и подобрување на здравјето во регионот, преку спроведување на националните истражувачки проекти во областа на јавното здравство. Мрежата ги поддржува дванаесет учеснички партнери - донатори (Белгија, Франција, Грција, Унгарија, Италија, Норвешка, Словенија, Шведска, Швајцарија, Холандија и Велика Британија) и пет меѓународни организации (Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа, Советот на Европа Советот на Европа банка за развој , Меѓународната организација за миграција, Советот за регионална соработка).
Фонд за Западен Балкан/Western Balkan Fund
Фондот е основан на 13 ноември 2015 година во Прага на состанок на министрите за надворешни работи на државите од Западниот Балкан (Северна Македонија, Косово, Србија, БиХ и Црна Гора) и Вишеградската група, кога беше потпишан Договор за основање на Фондот за Западен Балкан. Секретаријат на ФЗБ е во Тирана.
Главна мисијата на Фондот е да ги промовирa: развојот на поблиска соработка помеѓу државите од Западен Балкан; зајакнување на врските меѓу државите на Западен Балкан; интеграција на договорните страни, државите од Западен Балкан во Европската Унија и нивна заедничка презентација во трети земји.
Целите на фондот се спроведуваат преку финансиска поддршка на активностите во која било област што придонесува за прекугранична и меѓурегионална соработка и за зајакнување на регионалната кохезија.
Јадранско-јонска иницијатива (ЈЈИ)
Јадранско-Јонската Иницијатива (ЈЈИ) е основана на 19 и 20 мај 2000. Целта на иницијативата е јакнењето на регионалната соработка промовирање на политичка и економска стабилност, со што ќе се создаде солидна основа за процесот на европска интеграција. Постојаниот Секретаријат на ЈЈИ беше инаугуриран во Анкона на 19 јуни 2008 со цел да се зајакне соработката меѓу државите и да се направи иницијатива ориентирана кон конкретна проектна соработка.
На 24.05.2018 година Република Северна Македонија беше примена за членка на ЈЈИ.