Франкофонија


На 28 септември 2006 година тогашна Република Македонија стана полноправна членка на Меѓународната организација на Франкофонијата за време на Самитот на Франкофонијата што се одржа во Букурешт, Романија. Претходно, имавме статус на набљудувач што го стекнавме на Самитот во Ханој, Виетнам во 1997 г. по што следуваше подигнување на статусот во асоцијативно членство, во Монктон, Канада, во 1999 година.

Членството во Франкофонијата, се заснова пред сè, врз прифаќањето на темелните принципи и вредности на оваа Организација што соодветствуваат и со европските определби: залагање за мир во светот, демократија, човекови права, рамномерен и одржлив развој, образование, обука, наука и истражување, млади и спорт, нови информатички технологии, афирмација и заштита на културната и јазичната разновидност и солидарност. Франкофонијата е истовремено меѓународна политичка институција и простор за политички, културен, и економски дијалог на различни земји што ја споделуваат истата визија за светот, посебно за предизвиците што ги креира глобализацијата.

Покрај поттикот за негување на историската традиција и присуството на францускиот јазик кај нас, членството во Франкфонијата го гледаме како можност за афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и богато културно наследство, како и на сите вредности на современото македонско општество - мирот, демократијата, толеранцијата и солидарноста. Тоа се всушност темелните вредности на Франкофонијата. Во таа насока, Република Северна Македонија ќе ја засили и својата активност во наредниот период. Францускиот јазик е дел од нашата историјата, но исто така и нераскинлив дел од нашата европска иднина.

Преку Националната комисија за Франкофонија, Република Северна Македонија секоја година со голем број активности и манифестации во различни области го одбележува Денот на Франкофонијата – 20 март.

Со Амбасадата на Франција во Скопје, на ова поле, остваруваме продлабочена соработка преку која се изведуваат голем број активности за промоција на франкофонијата и се остваруваат програми за изучување на францускиот јазик во јавната администрација.

 

 

Последно ажурирање: 28 јануари 2020