Средба на министерот Муцунски со вршителот на должноста амбасадор на САД, Никол Варнес.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со вршителот на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнес.
На средбата беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи и стратешкото партнерство меѓу двете држави, како и подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за актуелните меѓународни и регионални случувања, состојбите во рамки на НАТО и актуелните безбедносни предизвици, при што беше потврдено значењето на американско-македонското стратешко партнерство и сојузништвото во Алијансата како важни фактори за стабилноста и безбедноста.
Во разговорите беа опфатени и реформските процеси во државата, вклучително и реформите во правосудството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и реализацијата на инфраструктурните проекти.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и билатералните односи, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и зајакнување на партнерството во рамките на НАТО Алијансата.