Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска ги прими копиите од акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Ерменија во Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Нејзината Екселенција, г-ѓа Цовинар Хамбарџумиан.
Посакувајќи ѝ успешна дипломатска мисија, заменик министерот Димитровски изрази уверување дека за време на нејзиниот мандат ќе продолжи позитивниот тренд во развојот на билатералните односи и ќе се интензивира севкупната соработка меѓу двете земји.
Во разговорот беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на економските односи, преку зајакнување на активностите за развој на трговската и деловна соработка помеѓу двете земји, како и преку иницирање нови активности за поттикнување на соработката во областа на туризмот.
Соговорниците изразија и подготвеност за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог преку организирање билатерални посети и редовни политички консултации помеѓу двете Министерства за надворешни работи во наредниот период.
На средбата беа разменети мислења и за актуелни прашања од меѓународен карактер.