Денес, Државниот секретар за надворешни работи и надворешна трговија, Јовица Палашевски, оствари средба со новоименуваната вонредна и ополномоштена амбасадорка на Република Естонија во нашата држава, со седиште во Будимпешта, Јана Ванамолдер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, засновани врз континуиран политички дијалог, соработка во рамките на НАТО и заедничка посветеност на европските вредности.
Двете страни разменија мислења за актуелните билатерални и регионални прашања и ги разгледаа можностите за натамошно унапредување на соработката во областите од заемен интерес, особено во дигиталната трансформација, сајбер-безбедноста, економијата, образованието и јавната администрација.
Државниот секретар д-р Палашевски и посака успешен мандат на амбасадорката Ванамолдер и го посочи залагањето за континуирано продлабочување на соработката и пријателските односи помеѓу двете земји.