Државниот секретар на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, г-ѓа Елена Кузмановска Биондиќ вчера оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, НЕ г-дин Ола Сулстром.
На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји во тековната година, што беа исполнети со активен политички дијалог, разменети посети на министерско и парламентарно ниво и зајакната економска соработка. Двајцата соговорници се согласија дека постигнатите резултати се значајни за зацврстувањето на севкупните односи, кои даваат силен импулс за нивно натамошно унапредување во иднина.
Двајцата соговорници разменија мислења и во однос на текот на евроинтегративниот процес на нашата земја, при што државниот секретар Кузмановска Биондиќ изрази особено благодарност за досегашната силна поддршка на Кралството Шведска, на нашите аспирации за членството во ЕУ, која што е особено зајакната во изминатите години. Воедно, ја реафирмираше нашата посветеност кон исполнувањето на реформските процеси во земјата, насочени кон исполнувањето на стандардите на ЕУ.
Амбасадорот Сулстром ја потврди шведската поддршка на нашите аспирации за членство во ЕУ и оддаде признание за досега постигнатите резултати во рамки на пристапниот процес на земјата во ЕУ, при што беше заемно заклучено дека забрзувањето на пристапните европски процеси се во интерес на севкупната политичка, безбедносна и економска стабилност на нашата земја, Западен Балкан и пошироко.