Државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Јовица Палашевски, денес оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Рафаел Сориано Ортиз.
Соговорниците разменија мислења за актуелните аспекти на билатералната соработка, како и за разгледување на претстојните активности од заемен интерес. Во тој контекст, ја потврдија заедничката заложба за понатамошно унапредување на традиционално пријателските односи меѓу двете земји, со посебен акцент на продлабочувањето на економската и трговската соработка. Воедно, беше разговарано и за можностите за натамошно продлабочување на соработката во областите на животната средина, енергетиката и земјоделството, преку реализација на постојните проекти и иницијативи, како и преку развој на нови форми соработка во иднина.
Државниот секретар Палашевски ја истакна силната определба на Република Северна Македонија за продолжување на реформските процеси и напредокот на европскиот интеграциски пат, заснован на исполнување на критериумите, заслугите и постигнатите резултати. Воедно, тој изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка што Кралството Шпанија ѝ ја дава на нашата држава во процесот на пристапување кон Европската Унија.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог и продлабочување на севкупната билатерална соработка во областите од заемен интерес.