Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија во Скопје, Петра Драксер.
На средбата беа потврдени блиските и партнерски односи меѓу двете земји, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво. Притоа, беше изразена заедничка подготвеност за нивно натамошно продлабочување, како во политичката, така и во економската соработка.
Воедно, беа разменети мислења и ставови за прашања од заеднички интерес, при што беше нагласена заедничката посветеност кон мултилатерализмот, почитувањето на меѓународното право и ефикасната соработка во рамките на меѓународните организации.
Соговорниците ја потврдија и определбата за натамошен конструктивен ангажман во рамките на системот на Обединетите нации и другите релевантни меѓународни тела, како и за продолжување на меѓусебната поддршка и координација на мултилатерален план.
Средбата заврши со заедничка согласност за понатамошно унапредување на билатералната соработка и продолжување на блиската комуникација и партнерство меѓу двете земји.