Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Никол Варнес.
Во фокусот на разговорите беа натамошното унапредување на билатералната соработка и динамиката на реализација на активностите во рамките на стратешкото партнерство меѓу двете земји.
Во актуелниот геополитички и безбедносен контекст, соговорниците ја нагласија важноста на стратешкото партнерство со САД за долгорочниот развој на државата, како и за зачувувањето на мирот, стабилноста и безбедноста во регионот.
Министерот Муцунски ја истакна важноста на континуираната американска поддршка за спроведувањето на реформските процеси во земјата.
На средбата беше потврдена заедничката определба за продлабочување на одличните политички и пријателски односи меѓу двете земји, засновани на меѓусебна доверба, споделени демократски вредности и сојузништво во рамките на НАТО.