Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска оствари средба со Антонела Валморбида, генерална секретарка на АЛДА - Европската асоцијација за локална демократија, која се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
На средбата беа разгледани тековните активности на АЛДА во Северна Македонија и регионот, како и нивниот придонес во унапредувањето на локалната демократија, доброто владеење, децентрализацијата и граѓанското учество.
Заменик министерот Димитровски ја истакна важноста на соработката со АЛДА и другите меѓународни и регионални организации, нагласувајќи ја улогата на локалните власти и граѓанскиот сектор во процесот на европска интеграција.
Посебно внимание беше посветено на можностите за понатамошна соработка во контекст на европската агенда, реформските процеси и имплементацијата на ЕУ политиките на локално ниво.
Заменик министерот Димитровски и генералната секретарка Валморбида разменија мислења и за идните планови и иницијативи, при што беа разгледани и предлози за конкретни форми на соработка.
Европската асоцијација за локална демократија АЛДА претставува глобален сојуз на локални и регионални власти и чинители од граѓанското општество кои, преку партиципативен пристап, заеднички работат на градење отпорни, инклузивни и одржливи заедници.