Заменик министерот Димитровски, денеска на покана на Регионалниот центар МАРРИ, учествуваше на „MARRI Friends Meeting / Diplomatic Briefing“, што се одржа во Скопје, каде ја истакна важноста на регионалната соработка и заедничкиот пристап во справувањето со безбедносните и миграциските предизвици во Западен Балкан.
Во рамки на настанот, Димитровски упати благодарност до Претседателството на Босна и Херцеговина за досегашното едногодишно претседателство, нивниот ангажман и придонес кон унапредувањето на регионалната соработка и институционалната отпорност на иницијативата.
Тој нагласи дека MARRI претставува значајна платформа за координација, доверба и стабилност во регионот, особено во областа на управувањето со миграцијата, борбата против организираниот криминал, трговијата со луѓе и нерегуларната миграција.
„МАРРИ е докажана успешна регионална приказна, успешен регионален проект кој успеа да опстои и покрај многуте премрежија пред кои беше исправен нашиот регион во изминатиот период. Нашата земја, но и регионот, во минатото се соочија со голем прилив на мигранти на своите граници, и во тие моменти МАРРИ учесниците, а и пошироко одиграа клучна улога преку различни проекти и иницијативи“, истакна Димитровски.
Заменик министерот Димитровски ја потенцираше потребата од натамошно зајакнување на регионалната координација, размената на информации и градењето институционални капацитети, во согласност со меѓународните стандарди и почитувањето на човековите права. Во таа насока, ја повтори и цврстата определба на државата за активно придонесување кон регионалната стабилност, безбедност и европската перспектива на Западен Балкан, преку партнерство, дијалог и заедничко дејствување.