Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Учество на заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, на 11. Регионален форум на Унијата за Медитеранот

Учество на заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, на 11. Регионален форум на Унијата за Медитеранот

На 25 ноември 2026 година, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на 11. Регионален форум на Унијата за Медитеранот (УзМ), што се одржа во Барселона, Шпанија, на покана на високата претставничка на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, заменик-премиерот и министер за надворешни работи и иселеници на Хашемитското Кралство Јордан, Ајман Сафади, и министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарес.

Форумот ги обедини министрите и високите претставници на земјите членки на Унијата за Медитеранот, со фокус на актуелните регионални предизвици, досегашната работа на Организацијата и натамошното унапредување на евро-медитеранската соработка.

Во своето обраќање, Димитровски ја нагласи важноста на дијалогот и практичната соработка во услови на сериозни предизвици за мирот и стабилноста во Медитеранот, истакнувајќи ја УзМ како уникатна платформа што ги обединува земјите од целиот медитерански регион. Притоа, ја реафирмираше посветеноста на нашата земја кон целите и приоритетите на Организацијата, нагласувајќи ја заедничката одговорност дијалогот да се преточи во конкретни резултати и партнерства во интерес на сите граѓани.

Осврнувајќи се на актуелните кризи, тој ја истакна загриженоста за состојбите во Газа и Украина, залагајќи се за зачувување на прекинот на огнот во Газа, непречен хуманитарен пристап и политичка перспектива за траен мир, како и за праведен и одржлив мир во Украина, во согласност со меѓународното право.

Посебен акцент стави на европската интеграција на Западниот Балкан, нагласувајќи дека целосното интегрирање на регионот во Европската Унија не е само стратешка цел на земјите од регионот, туку и значаен придонес кон безбедноста, стабилноста и просперитетот на цела Европа и Медитеранот. Целосно интегриран Западен Балкан ќе ја зајакне Европа и ќе донесе додадена вредност за целото евро-медитеранско партнерство, а заедничката европска иднина треба да биде извор на стабилност и просперитет за поширокиот регион.

Во контекст на регионалната поврзаност, Димитровски ја истакна важноста на инфраструктурното поврзување, посочувајќи ја стратешката улога на Коридорите VIII и X во поврзувањето на нашата земја и регионот со пошироките европски и регионални транспортни и економски текови, како и нивниот придонес за зголемување на трговската размена и зајакнување на енергетската безбедност.

Осврнувајќи се на развојот на евро-медитеранската соработка, Димитровски потсети дека пред една година, токму во Барселона, Унијата за Медитеранот ја усвои својата Декларација за визија, паралелно со започнувањето на Пактот на ЕУ за Медитеранот, како значајни чекори за продлабочување на регионалното партнерство.

Мени за пристапност