Во рамките на свеченото отворање на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби, заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеик Абдула бин Зајед Ал Нахјан, го посети македонскиот штанд и оствари куртоазна средба со државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, д-р Јовица Палашевски.
За време на посетата, шеикот се запозна со богатството и разновидноста на македонското културно наследство, претставено преку фолклорни поставки, археолошки артефакти и книжевни дела. Особен интерес кај него предизвикаа автентичните историски ракописи, стари повеќе од 600 години, како вредно сведоштво за вековната традиција и културните врски со арапскиот свет.
Во текот на куртоазната средба беше изразен заемен интерес за натамошно унапредување на билатералната соработка и за интензивирање на политичкиот дијалог на ниво на Министерствата за надворешни работи на двете земји. Државниот секретар Палашевски изрази благодарност за поддршката на македонското учество на Саемот.
Учеството на нашата земја на Саемот, во рамките на програмата посветена на балканската култура, придонесува за поголема меѓународна видливост на македонското културно и книжевно наследство и отвора нови можности за конкретна соработка во областа на културата, издаваштвото и преведувачката дејност.