На 28 април 2026 година, во Брисел се одржа Вториот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија, во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана потпишано во ноември 2024 година. Со Дијалогот од македонска страна ко-претседаваше Елена Кузмановска Биондиќ, Државен секретар во Министерството за наворешни работи и надворешна трговија, а од страната на Европската унија, Космин Добран, Директор за мир, партнерства и управување со кризи во Европска служба за надворешна акција. Во делегацијата на Северна Македонија учествуваа и претставници од Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Дијалогот во рамки на Партнерството за безбедност и одбрана претставува важна платформа за продлабочување на соработката и зајакнување на заедничките напори на Северна Македонија и Европската унија за справување со актуелните безбедносни предизвици во услови на зголемена геополитичка неизвесност. Двете страни на состанокот ја потврдија посветеноста за натамошно унапредување на партнерството, со цел зајакнување на отпорноста, продлабочување на координацијата и развој на нови области на соработка.
Во рамки на Дијалогот беа разгледани клучни прашања од заемен интерес, вклучително и регионалната и глобалната безбедносна состојба, учеството во мисии и операции во рамки на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП), како и соработката во справување со хибридни закани, сајбер безбедноста и странското мешање и манипулирање со информации (FIMI). Посебен акцент беше ставен на потребата од натамошно зајакнување на институционалните капацитети, размена на информации и воспоставување заеднички механизми за одговор.
Северна Македонија ја истакна својата силна посветеност кон заедничката безбедност како НАТО членка и земја кандидат за членство во Европската Унија, потврдувајќи ја својата целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Воедно, беше нагласена активната улога на земјата во регионалните и меѓународните мисии и операции, како и придонесот кон стабилноста и безбедноста во регионот.
Во контекст на тековните глобални безбедносни предизвици, беа разменети мислења за состојбите во Украина и на Блискиот Исток, при што беше потенцирана важноста од координиран пристап, почитување на меѓународното право и зајакнување на мултилатералната соработка.
Дополнително, беше истакната потребата од понатамошно вклучување на Северна Македонија во европските иницијативи во областа на безбедноста и одбраната, и пристап до нови инструменти и програми на ЕУ.
Соговорниците ја потврдија заедничката определба за редовен политички дијалог и практична соработка, како и за натамошно унапредување на партнерството во насока на посигурна, поотпорна и постабилна Европа.