Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Заменик-министерот Димитровски на 11-тиот Делфи економски форум: Потребна јасна визија и забрзување на процесот на проширување на ЕУ

Заменик-министерот Димитровски на 11-тиот Делфи економски форум: Потребна јасна визија и забрзување на процесот на проширување на ЕУ

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на 11-тиот Делфи економски форум во  Грција. Тој се обрати на панел-дискусија посветена на проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, заедно со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, првиот вицепремиер и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово, Глаук Коњуфца, министерот за европска интеграција на Србија, Немања Старовиќ, заменик министерот за европски прашања на Црна Гора, Иван Иванишевиќ, како и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Грција, Драган Вуковиќ.

Во своето обраќање, заменик министерот, Димитровски нагласи дека Република Северна Македонија останува цврсто посветена на својата стратешка цел, членство во Европската Унија, доследно усогласувајќи се со европските вредности и принципи. 

„Европската интеграција е во срцето на Агендата на нашата Влада, не само како пат кон напредок и просперитет за граѓаните, туку и како значаен придонес кон регионалната стабилност и европската безбедност. Нашата целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ е сериозна потврда за оваа определба“, истакна тој.

Осврнувајќи се на иднината на проширувањето, Димитровски посочи дека клучно за овој процес е постоењето на јасна стратешка визија и подготвеноста за храбри одлуки од страна на земјите членки на ЕУ. 

„Во услови на брзи глобални промени, Европската Унија треба да делува проактивно и мудро за да ја зачува својата кохезија и безбедност. Земјите од регионот треба да се третираат како идни членки, а не како трети држави. Постепената интеграција треба да овозможи слободно движење на луѓе и стоки и ни треба поголема динамика и резултати преку иницијативи како пристапот до СЕПА, „зелените ленти“ и укинувањето на роаминг трошоците.

На панелот му претходеше министерски состанок на кој беше усвоена Делфи декларацијата за европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Со декларацијата, беше потврдена политичката посветеност на процесот на пристапување во ЕУ, препознавајќи го неговото длабоко трансформативно влијание врз општествата и економиите во регионот. Воедно, се нагласува дека интеграцијата на Западен Балкан претставува стратешки императив за европската безбедност, со цел зајакнување на отпорноста, автономијата и подготвеноста и на регионот и на Европа во целина. Во контекст на претстојното грчко претседателство со Советот на Европската Унија, во втората половина на 2027 година, учесниците се обврзаа на засилување на напорите за регионална и европска интеграција, со цел обезбедување конкретни придобивки за граѓаните и бизнис заедницата во Западен Балкан.

Форумот, кој традиционално се одржува секоја година во април, оваа година се одвива под мотото „Шокот на новото“. На него учествуваат околу 1.200 говорници, од кои 760 од Грција и 440 од странство, во рамки на повеќе од 200 дискусии. Темите се фокусирани на клучни предизвици, од геополитиката на енергијата и развојот на нови преносни мрежи, до зајакнувањето на регионалната поврзаност во Југоисточна Европа, со посебен акцент на изградба на отпорни енергетски системи способни да одговорат на идните кризи.

Мени за пристапност