Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска во Струга, учествуваше на 23 Конференција на КОСАП, која ги обединува парламентарните комисии за европска интеграција и европски прашања од земјите учеснички во Процесот на стабилизација и асоцијација во Југоисточна Европа.
Конференцијата ја отвори и со неа претседаваше потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, а поздравни обраќања имаа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, Шефот на ЕУ Делегацијата, Михаилис Рокас и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ.
Во рамки на дискусијата посветена на европската интеграција на регионот и актуелните геополитички предизвици, Димитровски истакна дека за Република Северна Македонија членството во Европската Унија претставува стратешка определба и генерациски проект за трансформација на државата, преку кој се зајакнуваат демократијата, владеењето на правото и економскиот развој.
Тој потсети дека државата повеќе од две децении е посветена на европскиот пат и дека, и покрај исполнувањето на бројни обврски и носењето тешки политички одлуки, пристапниот процес сè уште е оптоварен со билатерални прашања кои не се дел од воспоставените критериуми за членство.
„Ние не бараме привилегии или отстапки, туку процес заснован на јасни правила, објективни критериуми и вреднување на постигнатите реформи. Тоа е важно не само за нашата држава, туку и за кредибилитетот на политиката на проширување на Европската Унија“, нагласи Димитровски.
Осврнувајќи се на Планот за раст за Западен Балкан, тој оцени дека станува збор за значаен инструмент кој ја зајакнува довербата во европскиот процес преку поврзување на реформите со конкретни и мерливи придобивки за граѓаните. Воедно, ја потврди определбата на Владата за натамошно спроведување на реформската агенда, целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и активен придонес кон регионалната стабилност.
Во своето обраќање, Димитровски се осврна и на актуелните иницијативи за внесување нова динамика во процесот на проширување на Европската Унија, оценувајќи дека секое решение треба да придонесе за поголема предвидливост и доверба во процесот.
"Разговараме и бараме решение кое нема да обезбеди само предвидливост, туку и долгорочна одржливост. Потребно е да знаеме дека сите отворени прашања се затворени на начин што е достоинствен и прифатлив за сите, без навлегување во прашања поврзани со националниот идентитет, јазикот и културната посебност. Истовремено, очекуваме јасна поддршка од европските институции и земјите членки за постигнатите договори, за конечно фокусот да го ставиме на реформите и европската агенда“, порача Димитровски.