Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски учествуваше на 70-тата сесија на Комисијата за статусот на жени на ОН, која во периодот од 9-19 март 2026 година се одржа во ООН, Њујорк.
Заменик министерот Димитровски се обрати на генералната дебата на тема посветена на обезбедување активен пристап до правда на сите жени и девојчиња, вклучувајќи инклузивни и еднакви правни системи, елиминирајќи ги дискриминаторските закони, политики и практики и адресирајќи ги структурните бариери, како и учество на состанок на високо ниво посветен на насилство над жените и девојчињата.
Во време кога и кај нас се води силна и емотивна јавна дебата по последниот случај на фемицид, Димитровски истакна дека фемицидот не е момент на неконтролиран гнев, туку трагичен крај на долг процес на насилство, притисок и страв што често се одвива пред очите на системот.
Се осврна и на загрижувачките глобални трендови, растечката дискриминација, нееднаквоста и родово базираното насилство, како и на потребата од посилни заеднички напори на меѓународната заедница. Ги претстави и мерките што нашата држава ги презема за унапредување на правата на жените и за поефикасна заштита на жртвите.
"Решението не е само во законите, туку во заедничката одговорност. Кога институциите ќе дејствуваат поврзано, а општеството нема да молчи пред насилството. Само така може да спречиме нови трагедии" истакна Димитровски.