Денеска, на покана на високиот претставник и потпретседател на Европската комисја, Жозеп Борељ, заменик премиерот и министер за надворешни работи и иселеници на Хешемитското Кралство на Јордан, Ајман Сафади и министерот за надворешни работи, Европска Унија и соработка на Крлаството Шпанија, Хозе Мануел Албарес, државниот секретар во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Елена Кузмановска Биондиќ, учествуваше на Деветтиот Регионален форум на Унијата за Медитеранот што се одржа во Барселона, Шпанија.
На денешниот Форум на Унијата за Медитеранот земјите-членки дискутираа за досегашната работа и постигнувања, за визијата за иднината на Унијата за Медитеранот, а доминираа дискусиите за улогата на Унијата, меѓународните организации, но и на секоја земја поединечно за деескалација на случувањата на Блискиот Исток, спречување на дополнителни хуманитарни катастрофи и постигнување мир во овие времиња на регионални тензии и кризи.
Во своето обраќање ДСЕК Кузмановска Биондиќ ја нагласи важноста што Северна Македонија ја придава на учеството во Унијата за Медитеранот како значајна платформа за регионален дијалог, партнерство и соработка на земјите од Евро-Медитеранскиот регион, како и потребата од справување со многуте заеднички предизвици врз основа на принципите на солидарност и соработка врз кои е втемелена Унијата за Медитеранот. Особен акцент посвети на неопходноста од постигнување одржлив мир на Блискиот Исток преку сеопфатен мировен договор достоинствен за сите засегнати народи и итна заштита на цивилите. Во таа смисла, ДСЕК Кузмановска Биондиќ ја подвлече потребата од континуирани колективни напори за овозможување на клима која ќе придонесе кон донесување на трајни решенија за враќање на довербата и меѓусебното разбирање.