Членство и приоритети
На 27 март 2020 година Република Северна Македонија стана 30-та земја-членка на НАТО. Со тоа, беше реализирана една од нашите најважни стратешки цели, која беше поддржана од сите граѓани и зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година.
Членството во НАТО како стратешка цел секогаш имало силна поддршка од јавноста и широк натпартиски, меѓуетнички и општествен консензус. Членството во НАТО е значаен исчекор кон зајакнување на нашата безбедност и стабилност и е силна гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија.
НАТО е политичко-воен сојуз на 32 земји , кој овозможива колективна одбрана на безмалку 1 милијарда луѓе и повеќе од 50 проценти од светскиот БДП. Во политичка смисла, НАТО е дефинирана како организација која „промовира демократски вредности и им овозможува на своите членки да се консултираат и да соработуваат по прашања поврзани со одбраната и безбедноста за решавање проблеми, градење доверба, и на долг рок, спречување конфликти. Од воен аспект „Организацијата е посветена на мирно решавање на спорови. Доколку дипломатските напори не успеат, има воена моќ да преземе операции за управување со кризи. Тие се спроведуваат според клаузулата за колективна одбрана од основачкиот договор на НАТО – член 5 од Вашингтонскиот договор или под мандат на Обединетите нации, самостојно или во соработка со други земји и меѓународни организации“.Членството на нашата земја во НАТО е значаен придонес и кон регионалната безбедност. Со продонесот во дејствувањето на НАТО, едновремено ги реализираме и нашите политичко-безбедносни интереси и приоритети, како што е зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан.. Посветеноста на НАТО кон овој стратешки значаен регион е од најголемо значење за одржување на неговиот мир и стабилност. Овој пристап (промовиран на Самитот во Брисел во 2021 година и реафирмиран во новиот Стратешки концепт на НАТО) и долгогодишниот ангажман на Алијансата во Западен Балкан дадоа значајни резултати.
Како рамноправна членка во семејството на 32 земји со напредни/развиени демократии, Северна Македонија, заедно со овие сојузници активно придонесува за зачувување на мирот, безбедноста и стабилноста на евро-атлантската област и пошироко.
НАТО и ЕУ споделуваат исти вредности и имаат комплементарни и кохерентни улоги во поддршката на меѓународниот мир и безбедност. Северна Македонија целосно го поддржува унапредувањето на стратешкото партнерство помеѓу НАТО и ЕУ и зголемување на соработката во области од заеднички интерес, како што се одржувањето на воената мобилност, изградбата на отпорност, развојот на нови технологии и управување со безбедноста, како и борбата против сајбер и хибридни закани. Исто така, посебен акцент во соработката и координацијата меѓу двете организации е ставен и на климатските промени, човековата безбедност и агендата за жени, мир и безбедност.
Историја на односите со НАТО
На 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата. Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република Северна Македонија датира уште од 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ.
На 15 ноември 1995 година, тогашна Република Македонија го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир и формално воспостави партнерки однос со НАТО; по што земјата беше примена и во Северноатлантскиот совет за соработка, подоцна Евро-атлантски партнерски совет; на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски на НАТО во Скопје; а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија на земјата во седиштето на НАТО во Брисел.
Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја-кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акциониот план за членство.
Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамки на декларациите на следните Самити на НАТО (Лисабон 2010, Чикаго 2012, Велс 2014 и Варшава 2016), беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето на взаемно прифатливо решение за името во рамки на ООН.
На Самитот на НАТО во Брисел, 11-12 јули 2018 година - Северноатлантскиот совет, на состанок на ниво на шефови на држави и влади, донесе одлука да ја покани Република Северна Македонија да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата; а на 1 август, 2018 година, Генералниот Секретар на НАТО упати писмо до Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија заедно со План за спроведување на процесот на пристапување во НАТО; за финално на 18 и 19 октомври 2018 година, на состанокот одржан во седиштето на НАТО во Брисел, Република Северна Македонија успешно ги заврши пристапните разговори за членство на земјата во Алијансата; по што на 21 јануари 2019 година, Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија упати писмо до Генералниот Секретар на НАТО во кое беше изразена подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на земјата во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон НАТО.
На 06 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји - членки на НАТО, во присуство на Генералниот секретар на НАТО и Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата; и по свечената церемонија во Брисел, започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на сите 29 земји членки на Алијансата; процедурата за ратификација на Пристапниот протокол беше финализирана на 19 март 2020 година, кога Aмбасадорот на Кралството Шпанија во Вашингтон, го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.
Со цел непречено одвивање на процесот на интеграција на земјата во НАТО, Собранието на Република Северна Македонија, на 11 февруари 2020 година, едногласно го ратификуваше Северно-атлантскиот Договор, по што, на 20 март 2020 година, следеше и потпишување на инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Претседателот на Републиката.
Конечно, на 27 март 2020 година, преку Амбасадата на Република Северна Македонија во Вашингтон, во Стејт Департментот во САД беше депониран инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што, Република Северна Македонија и официјално стана триесетта земја членка на Алијансата.
Република Северна Македонија, претходно, како партнер на Алијансата, и денес во својство на земја-членка на НАТО, активно придонесува во безбедносните мисии на НАТО, ЕУ и ООН, во регионот и во светот, со цел поддршка на мирот и безбедноста. Придонесот во меѓународните операции е во духот на стратешките определби на Република Северна Македонија за придонес кон глобалниот мир и безбедност и претставува уште една потврда за подготвеноста за споделување на предизвиците како полноправна земја членка на НАТО.
Ја подвлекуваме и активната улога на Република Северна Македонија во регионалната безбедносна соработка во рамките на САД - Јадранската повелба, со што земјата дава значаен придонес во натамошниот развој на безбеден, стабилен и економско просперитетен регион.
Фокус на Алијансата
Последниот Самит на НАТО се одржа во јуни 2025 година во Хаг, Кралството Холандија. На самитот, сојузниците усвоија низа значајни одлуки со кои повторно го потврдија стратешкиот правец на Алијансата, во согласност со целите утврдени во Стратешкиот концепт на НАТО. Притоа, беше нагласена посветеноста кон понатамошно унапредување и зајакнување на колективната способност за одвраќање и одбрана, како и кон адаптација на Алијансата на динамичното и комплексно безбедносно опкружување.
Дополнително, сојузниците ја реафирмираа важноста од јакнење на националната и колективната отпорност, како клучен елемент за одржување на сигурноста и стабилноста. Во рамките на заклучоците, беше потенциран и зголемениот фокус на регионите од стратешки интерес за Алијансата, преку продлабочена и сеопфатна соработка со партнерите, со цел зачувување на глобалната стабилност и одржување на релевантноста на НАТО во современиот безбедносен контекст.