Во рамки на посетата на Лондон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се обрати на бизнис форум на кој учествуваа повеќе од 50 британски компании. На форумот, министерот Муцунски говореше за напорите и активностите на Владата за унапредување на бизнис-климата, можностите за инвестирање во нашата држава и потенцијалите за зголемување на трговската и економската соработка.
Во таа прилика тој ги покани британските компании да ги истражат можностите кои ги нудат македонскиот пазар и економија и изрази подготвеност, на ниво на Влада и Министерство, да им биде обезбедена сета неопходна поддршка за реализација на нивните инвестиции планови и цели.
За време на работниот престој во Лондон, министерот Муцунски го посети и училиштето за источноевропски јазици во рамките на University College London, каде што се изучува и се зборува македонскиот јазик. Притоа беше реализирана донација од учебници и литература, кои ќе помогнат во совладувањето на нашиот мајчин јазик.
Токму промоцијата на македонскиот јазик и создавањето услови за негово изучување се едни од најважните приоритети на Министерството, на кои активно се работи во изминатиот период.
За време на посетата, министерот Муцунски оствари и средба со членовите на Парламентарната група во британскиот Парламент за соработка со Република Северна Македонија. На средбата се разговараше за унапредување на билатералните односи, зајакнување на парламентарната соработка, како и за значењето на двата парламенти во унапредувањето на политичките односи помеѓу двете земји.
Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка и интерес за нашата земја, како и за придонесот во зајакнувањето на пријателството помеѓу двете држави.