Денеска, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, оствари средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Индија за Република Северна Македонија со седиште во Софија, Санџај Рана, по што следеше негово учество на третиот Самит на иницијативата „Гласот на Глобалниот Југ“ виртуелно организиран од Индија, на кој имаше и свое обраќање.
За време на средбата со амбасадор на Република Индија, соговорниците имаа продуктивна размена на мислења за конкретните можности за развој на билатералните односи и искористување на потенцијалите во бројни области, како што се унапредување на трговската размена, на економските и бизнис релациите, но и во науката и образованието, здравството, културата и туризмот.
Исто така, стана збор за надворешно-политичките стратешки приоритети на двете пријателски земји, како и за актуелните меѓународни прашања и регионални теми.
Во контекст на продлабочување на соработката на мултилатерален план, беше споменато и учеството и виртуелното обраќање на заменик министерот, Димитровски, на третиот Самит на иницијативата „Гласот на Глобалниот Југ“, организиран од Индија, кој претставува значајна платформа за артикулирање на ставовите, приоритетите и предизвиците на земјите од Глобалниот Југ, како и за зајакнување на нивното влијание во глобалното управување.
Заменик министерот, Димитровски изрази благодарност кон Владата на Република Индија за организирањето на оваа важна иницијатива. Воедно, тој ја потенцираше силната посветеност на Владата на Република Северна Македонија кон принципите на мултилатерализмот и на меѓународната соработка, како и активната улога и заложбите на нашата држава во насока на регионалната безбедност и економскиот развој, како и за унапредување на глобалниот мир и просперитетот во светски рамки.
Соговорниците се договорија за натамошен развој на соработката и зајакнување на партнерството меѓу двете земји, во духот на заемното почитување и споделените интереси.
За време на учеството на третиот Самит на иницијативата „Гласот на Глобалниот Југ“, Заменик министерот Димитровски во своето обраќање истакна дека Северна Македонија останува посветена на принципите на мултилатерализам и меѓународна соработка, подржувајќи ја визијата за поинклузивен и праведен глобален поредок, каде гласот на секоја земја се слуша и се почитува.
Нашата посветеност на регионалниот мир и глобалната безбедност, ја нагласува нашата верба во моќта на колективната акција и дијалогот. Глобалниот југ поседува огромен потенцијал и богатство на идеи кои, кога ќе им се даде приоритет, може да доведат до значајни промени. Само тесно соработувајќи заедно, можеме да создадеме силен пат кон поинклузивна, просперитетна и одржлива иднина за сите, истакна Димитровски во обраќањето.