Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски денес во Корча, Албанија се обрати на научната конференција „80 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
Во своето обраќање Заменик министерот истакна дека негувањето на македонскиот јазик и зацврстувањето на неговата позиција на глобално ниво е програмски приоритет на новата Влада. Посебен акцент во неговото обраќање беше важноста на постоењето на лекторати по македонски јазик во странство.
„Сега функционираат 11 лекторати каде што се изучува македонскиот јазик, а во десет држави се студира македонски јазик. Лекторати за македонски јазик има во Турција, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Унгарија, Франција, Русија, Албанија и Кина. Најсилни лекторати имаме во Истанбул и во Риека, каде што има најголем број студенти што го изучуваат македонскиот јазик, а најстари се оние во Букурешт и во Париз. Центри, пак, во кои може да се изучува македонскиот јазик има во Велика Британија, Канада, САД, Полска, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Хрватска и Чешка. На филозофските факултети во Љубљана и во Загреб, како и на универзитетот „Ломоносов“ во Москва, македонски јазик може да се изучува како прв модул, или под А„, истакна Димитровски.
Дополнително посочи дека македонскиот јазик е наше национално идентитетско обележје што системски ќе го негуваме, заштитуваме, унапредуваме и афирмираме, додавајќи дека Министерството за образование и наука ќе финансира научни проекти и особено внимание ќе обрне на учењето на македонскиот јазик како заеднички јазик на разбирање во земјата.
Пред присутните Заменик министерот говореше и за грижата за македонското национално малцинство (МНМ) во Албанија како резултат на континуирани ангажмани на неколку клучни институции во нашата земја.
Заменик министерот Димитровски оствари средба и со Ректорот на Универзитетот „Фан С. Ноли“ – Корча, Ленци Економи, каде главен акцент во разговорите беше ставен на потребата од натамошно привлекување на студенти на катедрата за малцински јазици на Филолошкиот факултет во Корча, меѓу кои е и македонскиот јазик.