На 9 октомври 2024 година, во Министерството за надворешни работи беа одржани билатерални политички консултации помеѓу Северна Македонија и Литванија. Од македонска страна, делегацијата ја предводеше заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, а од литванска страна, заменик министерот за надворешни работи, Симонас Шатунас.
На консултациите, беше направен пресек на севкупната билатерална соработка меѓу двете држави, со осврт на секоја поединечна секторска соработка. Во пресрет на одбележувањето 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи во 2025 година, двете делегации ги идентификуваа следните активности и чекори кои ќе бидат преземени во насока на продлабочување на севкупните односи и соработка.
Покрај билатералната соработка, двете делегации разговараа и за македонската интеграција во Европската Унија, при што заменикот министер Димитровски се заблагодари за досегашната јасна литванска поддршка на политиката на проширување на ЕУ, и во тие рамки на европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Притоа, ја нагласи важноста од продолжување и засилување на поддршката на тој пат. Делегациите разменија мислења и за состојбите на Западниот Балкан, како и за глобални и актуелни геополитички прашања.
Изразувајќи задоволство од отворените и пријателски односи, пропратени со интензивен политички дијалог и партнерска соработка, заменик министерот Димитровски посебно ја поздрави одлуката на литванското Министерство за надворешни работи за отворање на Канцеларија на Амбасадата на Литванија во Скопје (во ноември 2023 година), што е прво претставништво на една балтичка држава во Северна Македонија. Во рамки на посетата на ЗМНР Шатунас на Скопје, по завршувањето на политичките консултации, со сечење на лента, двата заменици министри и свечено ја отворија Канцеларијата на Амбасадата на Литванија во центарот на Скопје.
ЗМНР Шатунас ja реафирмира јасната позиција на Литванија дека Северна Македонија треба да стане членка на Европската унија што е можно поскоро, а Литванија ќе продолжи да ги поддржува нејзините напори. Нагласи дека отворањето на Канцеларијата на литванската амбасада во Скопје е потврда за посветеноста на Литванија кон развивањето на односите и соработката со Северна Македонија и изрази очекување дека динамиката во односите ќе се зацврсти уште повеќе со резидентна литванска дипломатска канцеларија во Скопје.