Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Оцука Казуја, по повод завршувањето на неговиот мандат во нашата држава.
На средбата, соговорниците се осврнаа на одличната билатерална соработка меѓу двете земји, особено во годината кога се одбележува значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. Министерот Муцунски му се заблагодари на амбасадорот Казуја за неговиот исклучителен придонес во унапредувањето на односите меѓу двете земји, а посебно ги истакна бројните културни настани, концерти и изложби организирани од Амбасадата по повод обележувањето на јубилејот.
Исто така, беше нагласена важноста на економската соработка, при што соговорниците се согласија дека постои значителен потенцијал за натамошно проширување во оваа област.
Министерот Муцунски изрази благодарност за поддршката што Јапонија ја дава на земјите од Западен Балкан преку различни програми, како и за техничката соработка преку ЏАЈКА програмата. Посебно беше поздравено изучувањето на македонскиот јазик во средното училиште Таканава во Токио, како и активностите на Друштвото за пријателство во промоцијата на македонската култура во Јапонија.
Соговорниците разменија мислења и за тековните меѓународни предизвици, актуелни геополитички прашања и надворешно-политичките приоритети на двете земји.